Главниот аеродром во Берлин доби систем за рано откривање дронови
Берлин – Германската управа за контрола на летање пушти во употреба систем за детекција на дронови на главниот аеродром во Берлин, соопшти Министерството за транспорт на Германија.
Системот на аеродромот Берлин Бранденбург (БЕР) е дизајниран за рана детекција на дронови во зоните за полетување и слетување и за предупредување на надлежните органи за потенцијалните ризици по воздушниот сообраќај, соопшти министерството.
– Многу сериозно ја сфаќаме растечката закана што ја претставуваат дроновите околу аеродромите – изјави министерот за транспорт Штефен Билгер во БЕР доцна синоќа.
Тој истакна дека било од исклучителна важност да се реагира брзо и меѓународните аеродроми во Германија да се опремат со технологија за детекција на дронови.
Овој чекор следува по зачестените забележувања на дронови во близина на германските аеродроми, пренесе ДПА.
Министерството за транспорт соопшти дека се очекува и други меѓународни аеродроми ширум Германија да бидат опремени со слични системи за детекција во нивните зони за полетување и слетување во текот на годината.
Ниту еден друг германски аеродром не регистрирал толку многу забележувања на дронови во првата половина од годината како БЕР.
Контролниот кула на аеродромот регистрирала 28 такви случаи во првите шест месеци, според податоците доставени од германската контрола на летање. Тоа е за еден случај повеќе од аеродромот во Франкфурт, кој е најголем во Германија.
Во седум од тие случаи, оперативното одвивање на летовите во БЕР мораше привремено да биде прекинато.