СДСМ: Ние сме против криминал и корупција, а не против инвестирања
СДСМ преку соопштение реагира на вчерашните изјави на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од митингот во Брвеница, откако тој ја обвини опозицијата дека се противи на владините политики и проекти и дека е за „марихуана-економија“. Од СДСМ велат дека немаат дилема околу своите ставови и отфрлаат дел од обвинувањата упатени кон нив.
Партијата тврди дека најголемите инвестиции биле реализирани во периодот на нивното управување, додека според нив, во последниот квартал инвестициите паднале на 18,7 милиони евра. Од СДСМ посочуваат дека не се против инвестиции и проекти, туку, како што велат, против проекти зад кои гледаат лични интереси. Во тој контекст ги споменуваат и проектите поврзани со рудници и центри за податоци, како и прашањата поврзани со водоснабдувањето и животната средина.
Во реакцијата се осврнуваат и на патувањето на делегација во САД, за кое велат дека било на товар на граѓаните, како и на начинот на кој, според нив, се одвива дипломатијата.
СДСМ го обвинува Мицкоски и за односот кон прашањата поврзани со марихуаната, барајќи од него одговори за, како што наведуваат, заплената на 100 тони, како и за петте тони за кои тврдат дека завршиле кај „сестринската партија“ во Србија.
Од опозициската партија критикуваат и дел од економските политики на Владата, посочувајќи дека граѓаните економските резултати ги чувствуваат преку состојбата во фрижидерите и паричниците. Во реакцијата се споменуваат и рударските проекти, состојбата со водата за пиење, како и најавите за центри за податоци. СДСМ бара одговори за начинот на ладење на ваквите објекти, потребите за електрична енергија и кој би ги сносел трошоците.
Партијата се осврнува и на прашањето за странските влијанија, при што вели дека е против, како што наведува, влијание од Орбан и Вучиќ врз Македонија. Во реакцијата се споменува и соработката со Левица, како и односот кон Русија. СДСМ го обвинува Мицкоски и за поделби во општеството, повикувајќи се на негови изјави за елитите и животниот стил.
Од партијата велат дека на митингот во Брвеница повторно не добиле одговори на прашањата што ги поставуваат.
„Ние немаме дилема. Ние сме против криминал и корупција“, порачаа од СДСМ.
Во реакцијата се споменува и случајот со „Гета“, за кој СДСМ тврди дека станува збор за 5,53 милиони евра народни пари, како и членството на Македонија во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ.Од СДСМ додаваат дека тие го поддржале пристапувањето на земјата во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ, додека ја обвинуваат актуелната власт дека две и пол години нема напредок во реформите. На крајот, СДСМ ја сумира својата позиција со пораката: „Ние сме за институции. Не сме за банда.“
Претходно премиерот Мицкоски им одговори на СДСМ за критиките кон Владата и актуелните инвестициони проекти, посочувајќи дека опозицијата се противи на сè што предлага и реализира власта.
„Вчера, токму овде во Брвеница, слушнавме тешки зборови од СДС и нивното водство. Слушнавме дека Македонија одела во погрешна насока, слушнавме обвиненија за рудници, за дата-центри, за странски влијанија, за меѓуетнички поделби, но граѓаните имаат право да слушнат и што стои зад тие зборови. И затоа вечерва сакам да поставам едно многу едноставно прашање до СДС, да кажам една дилема којашто ја имам лично, разбравме дека од СДС се против за се, дека се против Владата, против се за инвестиции, против биле за проектите, кога одиме во САД велат сме имале скриени намери, кога разговараме за инвестиции тие зборуваат за некаква распродажба, кога зборуваме за индустрија и за рударство тие однапред прогласуваат катастрофа, секој ден имаме нови обвинувања, нова прес-конференција која без исклучок е темелена на лаги, измислици, клевети. За што се тие? Тие се за марихуана економија, тоа им лежи најмногу“, рече Мицкоски и додаде:
„Тие се да ја распродаваат Македонија, да им ставите бел лист хартија тие ќе потпишат се само да не треба тие да го платат, само да можат да го платат граѓаните и Македонија, а тие да може што повеќе да украдат од истите и да стават во своите џебови“.
Мицкоски посочи дека зад политиките на СДСМ не стои грижа за граѓаните и развојот на државата, туку интерес за задржување на влијанието и остварување лични придобивки.
„Тие се да прават таканаречени здравствени установи коишто им горат живи луѓе, а притоа преку нивните инсталации во судско обвинителскиот систем да бидат амнестирани од истите, ете за тоа се тие. Тие се ако може на било кој чекор да украдат, да измислат нешто, но никако не се за да може да ја видат Македонија како се развива, како расте и како може да биде подобро место за живеење“, изјави Мицкоски.