ЕУ црта јасен пат за членството за четири земји. Македонија не е меѓу нив

Се разгледуваат патокази за Црна Гора, Молдавија, Албанија и Украина. Македонија е сместена во групата со Босна и Херцеговина и Косово. Како речиси безнадежни случаи


Нема добри вести од ЕУ за премиерот Мицкоски околу нашиот европски пат: Урсула фон дер лајен за врема на посетата на Скопје на 25 октомври 2025 (Фото: Б. Грданоски)

 

ЕУ развива предлози според кои четирите земји што се најблиску до приклучување кон блокот ќе добијат јасен, чекор-по-чекор пат кон членство – додека другите ќе бидат оставени назад.

Се разгледуваат целни „патокази“ за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, изјавија за „Политико“ двајца високи претставници на Европската комисија кои работат на нацрт-предлозите, како дел од напорите за забрзување на процесот што трае со децении.

Четирите земји се сметаат за фаворити за приклучување кон ЕУ, но сè уште се соочуваат со бавен напредок и нејасни временски рокови за тоа кога би можеле официјално да бидат примени. Иако Брисел долго време ги поддржува нивните кандидатури за членство, патоказите го означуваат првиот пат кога ќе им бидат дадени гаранции дека ако продолжат со основните реформи, ќе бидат примени – и им се нудат индикативни временски рокови за завршување на преговорите.

За жал, Македонија не е меѓу нив. И тоа е јасно веќе подолго време. Македонската влада е заглавена во одбивањето на уставните измени. А и намалените реформи. Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт владата и премиерот Мицкоски имаа повеќе предлози како да се излезе од ќор-сокакот, но ниету еден од нив не беше прифатен. Ниту од Бугарија ниту од ЕУ не беше прифатена нашата идеја уставните измени и внесувањето на Бугарите да бидат со одложено дејство. Сега премиерот Христијан Мицкоски и министерот Тимчо Муцунски ја развиваат идејата за посредник од ЕУ или од некоја силна земја членка во дијалогот со Бугарија.

Ако Србија е случај сам за себе Македонија последнева половина година веќе се сместува во групата со Босна и Херцеговина и Косово, што значи – безнадежни кандидати.

„Политико“ пишува дека патоказите ќе разјаснат точно што се очекува од секоја земја-кандидат, како и ќе создаде обврски за сегашните членки, кои треба да дадат согласност за процесот да продолжи. Плановите, исто така, поставуваат приближни датуми за тоа кога групите реформи, познати како преговарачки „кластери“, ќе бидат формално завршени – главни пресвртници на патот кон членство.

Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, вети целна поддршка за земјите-кандидатки „кои постигнале најголем напредок“ за време на нејзиниот говор за состојбата на Унијата претходно во септември.

Функционерите велат за „Политико“ дека во оваа фаза од процесот, на Македонија, Босна и Херцеговина и Косово нема да им бидат понудени патокази. Ниту на Грузија, Турција или Србија, чии апликации запреа поради загриженост за демократско и судско назадување.

Портпаролот на Комисијата потврди дека новите мапи „ќе обезбедат пат кон завршување на преговорите за пристапување. Тие ќе утврдат јасна листа на приоритети: временски рокови и резултати за да им помогнат на најнапредните кандидати да ги завршат потребните реформи“.

Лидерите на ЕУ сè повеќе се свртуваат кон други про-трговски демократии, особено во нивното соседство, поради тензиите со партнери како САД, непријателските практики од Кина и заканите од Русија. Функционерите се загрижени дека пристапувањето кон ЕУ трае предолго, изложувајќи ги потенцијалните нови членки на разочарување или притисок од ривалите да не се стремат кон членство.

Овој потег доаѓа во време кога политиките на ЕУ „пред проширувањето“ се подложени на посебна ревизија. На земјите-кандидати треба да им се понуди подобар пат кон „постепена интеграција“ во блокот, веруваат официјалните лица, пат што би ги користел економските придобивки и пристапот до заеднички проекти за да ги награди за напредокот. Тој преглед на политиката, предводен од блискиот советник на фон дер Лајен, Александар Адам, треба да им биде презентиран на врвните функционери на 6 октомври; тој е дизајниран да ги задржи на патот кон ЕУ додека се одвиваат нивните апликации.

„Проширувањето… останува геополитички императив. Сепак, пристапувањето бара време“, се вели во нацрт-верзијата на текстот за преглед пред проширувањето што го виде „Политико“. „Земјите-кандидати мора да завршат ригорозен процес базиран на заслуги и да спроведат далекусежни и трајни реформи. Тоа време треба целосно да се искористи стратешки за да се подготви Унијата за поголемо членство и да се продлабочи постепената интеграција во областите од заеднички интерес“.

Како дел од тој преглед, фон дер Лајен и комесарката за проширување Марта Кос ќе предложат измени во внатрешното работење на блокот за да се осигурат дека се воспоставени заштитни мерки за да се спречат новите членови да ги нарушат клучните политики или да се откажат од своите обврски. Ревизиите би можеле да вклучуваат клаузули за итни случаи и транзициски периоди пред одредени права на членство да бидат целосно доделени.

„Прегледите на политиките покажуваат дека Унијата може да прими поголемо членство преку насочени прилагодувања, во голема мера во рамките на постојната рамка на Договорот“, се вели во нацрт-документот, тврдејќи дека основните закони на ЕУ не треба да се менуваат за да се смират загриженостите за проширувањето.

Националните лидери ќе се изјаснат за тоа како и колку брзо можат да се приклучат нови членки за време на дводневниот самит во Брисел од 15 октомври; за возврат, Комисијата ќе побара од нив политичка поддршка за да го забрзаат темпото. Европскиот совет ќе одржи „стратешка дискусија за проширувањето и внатрешните реформи“, покажува нацрт-агендата.

Кос изјави претходно овој месец оти се надева дека предложените промени и разговорите со лидерите ќе доведат до „есен на проширување“ по години побавен напредок.

Фон дер Лајен патува во Западен Балкан оваа недела на разговори со лидерите во Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и Косово. Сепак, таа ќе ја прескокне Босна и Херцеговина, како и Србија, кои се во средината на националните избори. Во Скопје ќе биде во петок. Македонските власти (и премиерот и претседателката) подолго време најавуваат дека го очекуваат 30 спетември кога ќе биде објавена стратегијата за проширувањето. Во неа, како што стојат сега работите, нема место за Македонија во догледна иднина. Прво треба да се направат уставните измени. (Н.В.)