Специјалниот пратеник на Путин на АфД им нуди евтин природен гас за Германија во пресрет на покраинските избори


Кирил Дмитриев, специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин за инвестиции и економска соработка, отворено предложи економска соработка со екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ (AfD) во пресрет на покраинските избори во Мекленбург-Западна Померанија, пренесе ДПА. Гласачите во оваа североисточна покраина утре ќе излезат на гласање за да изберат нов покраински парламент.

Според предизборните анкети, најголеми шанси за победа им се даваат на „Алтернатива за Германија“ и Социјалдемократската партија (SPD) – предводена од актуелната премиерка на покраината, Мануела Швезиг.

– Мекленбург-Западна Померанија повторно ќе процвета кога ќе се врати достапниот и сигурен гас од „Северен тек“, благодарение на соработката со AfD. Пониски сметки за енергија, повеќе работни места и повисок економски раст. Доста е со енергетското и индустриското самоубиство на Германија, напиша Дмитриев на платформата Х како одговор на објавата на копретседателката на AfD, Алис Вајдел, во која таа повикува на политички промени во оваа германска покраина.

Во минатото, Москва понуди обновување на испораките на евтин природен гас за Германија преку гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море, под услов да се укинат санкциите. Само еден од првичните четири крака на гасоводот „Северен тек“ остана функционален по експлозиите што ги оштетија „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во 2022 година.

Дмитриев е и еден од клучните преговарачи на рускиот претседател Владимир Путин во разговорите со САД насочени кон ставање крај на војната во Украина. Иако Путин во повеќе наврати изрази позитивни ставови кон AfD, Москва негира дека се меша во изборите во други земји, забележува ДПА.