Шефот на данската дипломатија се надева дека договорот за Гренланд ќе стави крај на неизвесноста
Шефот на данската дипломатија, Ларс Локе Расмусен, се надева на поголема стабилност по постигнатиот напредок во спорот со Вашингтон околу Гренланд, јави ДПА.
„Се очекува долготрајната неизвесност наскоро да заврши со склучување на обврзувачки договор“, напиша денеска Расмусен на Фејсбук.
„Следната недела би можела да биде добра недела… за Гренланд, Данска и САД“, напиша тој, пренесува германската агенција.
Според министерот, договорот има за цел да ја зајакне безбедноста на Арктикот и во Северниот Атлантик, а со тоа и заедничката безбедност во рамките на НАТО и Европа, притоа почитувајќи ги „црвените линии“ на Кралството Данска.
САД, Данска и Гренланд синоќа неочекувано објавија дека е постигнат напредок во повеќемесечниот спор околу најголемиот остров во светот.
Се очекува договорот со Вашингтон да биде потпишан следната недела, соопштија владите на Данска и на Гренланд.
Американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи напиша дека договорот „им дава на САД трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд“, кој ужива висок степен на автономија, но е дел од данската територија, потсетува ДПА.