Полицијата го претресе домот на соработник на главната кандидатка на АфД на изборите во Берлин


Јавното обвинителство во Берлин вчера објави дека полицијата го претресла домот на соработник на Кристин Бринкер, главната кандидатка на десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на изборите во Берлин, пет дена пред изборите.

Канцеларијата на обвинителот соопшти дека 48-годишникот е осомничен за кршење на германските закони за експлозиви и оружје.

Берлинската полицијата во вторникот спроведе претрес врз основа на налог во берлинскиот округ Лихтерфелде, изјави портпарол на канцеларијата на државниот обвинител како одговор на истрагата.

 Случајот претходно беше објавен од весниците Билд и БЗ.

Канцеларијата на обвинителот соопшти дека не се пронајдени докази што би ги „поткрепиле сомневањата“. Меѓутоа, полицијата конфискувала други предмети откриени за време на претресот. Тие сега мора да се подложат на форензичка анализа за да може подетално да се процени нивното значење во контекст на кривичното право, рече адвокатот.

Според медиумските извештаи, истражителите пронашле дрога и нацистички сувенири во неговиот дом.

Портпаролот на АфД, Роналд Глезер, го опиша случајот како „приватна работа“. 

-Го чекаме исходот од истрагата, рече тој.

„Билд“, пак, ја цитираше и Кристин Бринкер која рече: „Никогаш немав никакви индикации дека имал такви ставови. Тој е едноставно колекционер“.