Најмалку девет земји од Шенген-зоната го одложија целосното спроведување на системот EES


Најмалку девет земји од Шенген-зоната — вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија — во договор со Брисел го одложија целосното спроведување на биометриските проверки во рамките на новиот Европски систем за влез/излез (EES).

Водечкиот систем за гранична контрола на ЕУ, кој претходно беше причина за многу гранични застои, беше лансиран во октомври 2025 година по неколкугодишни одложувања, со првични планови да стане целосно оперативен до април оваа година.

Според правилата на EES, сите граѓани на земји кои не се членки на ЕУ се должни да ги скенираат своите лица и да даваат отпечатоци од прсти секој пат кога влегуваат или излегуваат од Шенген-зоната, иако самата примена на правилата варира во пракса.

Секоја земја од Шенген-зоната го спроведува EES на свој начин — на пример, Шведска и Португалија нудат апликација преку која патниците можат однапред да ги испратат биометриските податоци. Сите национални системи треба да бидат поврзани со еден централен портал управуван од eu-LISA, агенција на ЕУ со околу 400 вработени и седиште во Естонија.

Кога патникот влегува за прв пат, податоците од пасошот се испраќаат до оваа агенција за да се создаде централна датотека, со која подоцна се споредуваат отпечатоците од прсти и скенирањата на лицето.

 

Технички проблеми и застој на границите

Целиот процес беше загрозен од два клучни проблеми: во некои земји собраните биометриски податоци воопшто не се проследуваат до eu-LISA поради технички грешки, додека во други граничниот персонал не може да пристапи до постојните датотеки и мора да ја повторува постапката од почеток. Поради овие дефекти, скапите биометриски скенери во вредност од неколку милиони евра стојат неактивни и неискористени во пристаништата и на аеродромите.

Проблемите со софтверот и недостигот на персонал доведоа до претходно понуден грејс-период од 150 дена, во кој поединечните држави можеа привремено да ги суспендираат проверките во случај на големи метежи. Иако Брисел претходно ја отфрли можноста за продолжување на тој рок, кој истече на 6 септември, најмалку девет земји ја информираа Комисијата дека нема целосно да го имплементираат системот сè додека технологијата не работи besпрекорно.

Службениците во Брисел неформално се согласија да го одржат протокот на границите, овој пат без одреден краен рок, што во јавноста се толкува како големо повлекување на ЕУ.

Лобирање од авиокомпаниите и аеродромите

На ова одложување му претходеше силно лобирање од страна на управувачите на аеродромите, операторите на пристаништата и авиокомпаниите, додека од друга страна, претставниците на ЕУ постојано тврдеа дека системот функционира добро.

Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) предупреди на сериозни последици доколку ЕУ не го промени својот став. Томас Рејнарт, виш потпретседател за надворешни работи во IATA, истакна дека ќе се појават огромни проблеми доколку системот не може привремено да се исклучи, нагласувајќи дека дури и со постојната флексибилност веќе се забележани оперативни тешкотии, нестабилност и технички дефекти на неколку аеродроми.