„Као какао“ е мјузикл кој не потсетува колку е убаво она што е наше (фото)


Влеговме во преполнетиот МНТ со големи очекувања, излеговме среќни и исполнети, синоќа, на шестата изведба во Скопје, по Битола, Охрид и во Будва, на автентичниот македонски мјузикл „Као какао“, насловен по еден од најпознатите хитови на рок-групата „Леб и сол“, издаден во 1987 година на истоимениот албум. Текстот за мјузиклот „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски, автор чиј звук со децении е дел од музичката меморија на публиката, го напиша Венко Андоновски. Го режираше Дејан Пројковски. Во претставата се вклучени избрани композиции, кои добиваат нов живот преку аранжманите на Бобан Мирковски, подготвени специјално за оваа продукција.

Во него ја препознаваме нашата (не)култура, нашиот јазик, нашиот темперамент и штосови и начинот на кој ги доживуваме љубовта, пријателството, радоста и тагата. Музиката носи емоции што лесно допираат до срцето, а познатите мелодии кај многумина будат спомени од едно друго време, на старото Скопје, она Скопје за кое постојано се зборува, а веќе го нема. Некои песни не потсетуваат на младоста, на пријателите, на првите љубови и на убавите моменти што сме ги поминале со најблиските.  Најубаво е што среќата не доаѓа само од сцената, туку од чувството: „Ова е наше. Ова сме ние“. Токму затоа, додека го гледаме, не се чувствуваме само како публика, туку како дел од приказната што се одвива пред нас. 

Но „Као какао“ не прави среќни и затоа што не потсетува дека животот и покрај сите проблеми и разочарувања, е исполнет со моменти за кои вреди да се живее. Преку ликовите и нивните приказни гледаме човечки слабости, љубовни недоразбирања, надежи и желби. Хуморот не смее, музиката не раздвижува, а емоциите не потссетуваат колку е важно да ги чуваме луѓето и моментите што ни значат.

Како што вели и ликот што го игра Рубен Муратовски, всушност, „многу е важно во животот од гасеница човек да стане пеперутка, бидејќи останатите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници“. Тоа е и лајтмотивот, бидејќи самиот мјузикл има една многу важна порака – дека нашата одлука и вербата одлучуваат дали е Скопје крајот или почетокот на светот. Мјузиклот ја носи важната порака, дека не е доволно човекот да сонува, тој мора да се бори, да верува за да ги оствари своите соништа.

Во големата актерска екипа која игра, пее и „свири“ препознаваме нови таленти и докажани ветерани. Ја предводи Владимир Петровиќ , чија улога на Џими е „најспецифичната во неговата кариера“ и преубавата Катерина Јовановиќ во улогата на Дона, која истакна дека „овој мјузикл ѝ е остварување на сонот“. 

Настапија и Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, која и со неколку сцени брилјираше, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и  Анастасија Митровска.

Одлична кореографија на Олга Панго, и сценографијата на Валентин Светозарев, со кревање, спуштање и вртење на сцената, и впечатливите моменти кога од под сцената се појавуваат класични музичари и Јан Стефановски како врвен тапанар. (Влатко Стефановски не се појави). Пак врвна костимографија на Марија Пупучевска, особено за главните ликови. Вокален ментор е Ана Костадиновска. Асистент кореограф е Ирена Лозинска, а асистент костимограф Марија Ѓоргиевска. Продуцент на проектот е „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар. И вечерва има уште една изведба во МНТ. 

Фото: Стефан Рајхл за „Баги комуникации“