Премалку сме да се делиме, рече Мицкоски во говорот, и пак ја нападна опозицијата дека е „талог“

Премиерот бил советуван да не го кажува тоа бидејќи настанот бил свечен, но тој сепак сакал „да се демонтира нивниот лажен морал“. И рече дека имало „пера кои клеветат“


Фото: Б. Грданоски

 

Во говорот пред седиштето на Владата по повод 35-те години независност, премиерот Христијан Мицкоски кажа повеќе од неговите познати изјави за обединување, повеќе да се гледа напред отколку назад кон патот што сме го изоделе, но уште еднаш ја нападна опозицијата нарекувајќи ја „талог“.

Велејќи дека „народот што со векови научил како да преживува сега мора да научи како да победува во мир“ тој нагласи дека мора да „се прекине со онаа практика во која некои луѓе функцијата ја разбирале како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса“. За потоа да каже дека ако државата „го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува. Токму тоа мора да го смениме“.

Потоа тој спомена дека повеќемина го пишувале неговиот говор и дека му било советувано да „не се занимава со нив“, затоа што ова било свечена пригода. Но тој сепак сакал „да се демонтира нивниот лажен морал“ и потоа нагласи: „Разбирам дека нивната главна задача е да извалкаат се што носи напред, да поделат да внесат сомнеж во сѐ што се прави, дури во радоста и прославата за овој 8 Септември“.

Според него, од оние што критикувале имало „безброј прашања, квалификации и одредници од кои човек треба да се разочара. Тие се фабрика за произведување безнадежност, очај и нихилизам. Омраза која го труе општеството, пера кои клеветат, навредуваат. Како на норма. Таквата губитничка политика треба да нè повлече сите надолу. Секој млад човек да почне да се колеба, да нè прикажат дека сме сите исти кога и сме толку многу различни“.

Па премиерот Мицкоски рече дека „таквите поединци не се достојни за времето во кое живеат и за улогата која се борат. Тие се тегот кој влече надолу, и сето ова е резултат на тоа што тие сакаат власт, поради пари и моќ, не поради идеја и концепт. 

Тие се против сè што оди напред. Против болници, против патишта, против нов клинички центар, против инфраструктурни објекти за општините какви градиме, против брза железница, против покачени плати и пензии. Против дата центри, против нови инвестиции. Ако се каже треба нов владин авион, тие веднаш скокаат и велат – се луксузирате. А не бројат колку животи ќе се спасат, бидејќи тој авион е и за таа цел. Тоа е кусогледа политика“.

Гостите на свеченоста (Фото: Б. Грданоски)

И покрај тие обвинувања против оние кои „не се достојни за времето во кое живеат и влечат надолу“ Мицкоски рече: „Јас сум разумен човек, давам шанса на дијалогот, затоа што верувам дека доброто секогаш го победува злото, и затоа што политиката е вештина на дијалогот, кој е попаметна и поцелисходно од поларизирањето и блокирањето. Ќе градам мостови, ќе подавам рака за прашања важни за нашата иднина и нема да се откажам од тоа да нудам дијалог, затоа сечија суета, па и мојата не значат ништо кога во прашање е Македонија“.

Тој рече дека нема друга алтернатива освен членството во Европската унија, но дека патот до таа цел не се решава со „лицемерните крици од нашиот политички противници или барем дел од нив, кои што велат во една состојба на самозадоволување – решете го проблемот. Истите тие кои што денеска ги слушаме како на отворена сцена не повикуваа да го решиме. И да – ќе го решиме. Но треба трпение. Најпрво да се создаде доверба, а за да се создаде доверба треба да се престане да се игнорираат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница. Треба да се престане да се негира правото на мојот мајчин македонски јазик. Треба да се престане да се бараат корените на македонскиот народ како резултат на одлука на комунистичката Коминтерна, туку да се прифати факт кој што е векови стар. Тоа се факти од кои што нема бегања, додека не ги прифатиме овие факти, тогаш нема доверба. А кога нема доверба нема ниту дијалог“.

На свеченоста беше извршена смена на државното знаме (Фото: Б. Грданоски)

При крајот на својот говор тој рече дека „има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме“.

Во кореографија слична на американска од Белата куќа во телевизискиот пренос Мицкоски беше покажан како оди од неговиот кабинет низ ходниците на Владата, како излегува од неа за да го пречека претседателот на Собранието, Африм Гаши. Во публиката беа првите луѓе на институциите на државата, министрите, странски дипломати, но барем од преносот не се виде дали има претставници од опозицијата, која беше повикана на дијалот „за да не се делиме“, а потоа беше нападната дека е „талог“, дека некои од неа „не се достојни за времето во кое живеат“ и дека има „пера кои клеветат“. (Н.В.)