Се менува закон за Перински да стане директор


Златко Перински е в.д. директор на Фондот за здравство

Комисијата за здравство денеска го поддржа Предлог-законот со кој од Законот за здравственото осигурување се брише досегашниот услов директорот на Фондот за здравствено осигурување да има стекнато најмалку 240 ЕКТС-кредити или завршен VII/1 степен високо образование од областа на менаџментот, економските науки, финансиите, бизнис-администрацијата, менаџментот со јавното здравство, медицинските науки или правните науки. Измените допрва треба да бидат изгласани на пленарна седница.

Сегашниот в.д. директор Златко Перински дипломирал на Факултетот за физичка култура при УКИМ каде што се стекнал со титулата дипломиран професор и тренер, а на Универзитетот за туризам и менаџмент се стекнал со магистерска диплома по менаџмент на човечки ресурси, што уште на почетокот, кога беше назначен од Владата, предизвика правни дилеми дали тој ги исполнува посебните услови. Тогаш од Владата рекоа дека Перински е привремено решение до завршување на редовната постапка за избор на директор и дека во следната фаза ќе биде спроведена постапка согласно закон.

Место тоа, се менува законот денес, за да Перински биде избран според закон. За пратеничката од Левица Јована Мојсоска бришењето на посебните услови е скандалозно и наменски направено само за Перински да биде законски на функцијата.

„Мене ми се поставува прашањето дали се менуваат условите за поставување директор на ФЗОМ, институција што располага со буџет од 900 милиони евра, огромен износ, за ние наместо да ги допрецизираме критериумите, ние оставаме една општа формулација предвидена во Законот за високи раководители кои важат и за директор на едно обично јавно претпријатие со мал буџет од само милион денари. И при самото именување на актуелниот директор на ФЗОМ беше спорно дали Перински ги исполнува условите пропишани во Законот за здравствено осигурување зашто се работи за кадар кој има завршено на Факултет за физичка култура и има магистерски од Факултетот за туризам на поранешниот градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ Ацо Миленковски. И впрочем, мене ми изгледа дека директно и наменски се интервенира само во овој закон и се бришат посебните услови само за да може директорот Перински законски да ја извршува функцијата“, рече пратеничката Мојсоска.

Таа потсети дека кога Перински беше назначен за в.д. директор, образложението од Владата беше дека тој е само привремено решение и ќе почне дополнителна постапка.

„Очигледно дополнително почна постапка за да можат да се избришат условите и да може да се именува Перински за директор на Фондот за здравство. Не знам какви заслуги има Перински кон партијата, ако е тоа критериум може човекот да биде министер за спорт, ама мислам е апсолутно недозволиво во ваква институција со милионски буџет да се поставува апсолутно непрофесионален кадар и наместо унапредување да има уназадување на критериумите за поставување директори. Иако со Законот за високи раководители беше претставено дека ќе се избираат најдобрите директори, најдобрите управители, но мислам дека со вакво скандалозно бришење на посебните услови ќе продолжи старата пракса каде единствен критериум се партиските заслуги на поединците“, додаде Мојсоска.