Утре излезете на Бела ноќ
Во сабота /3 октомври/, од 18 до 3 часот, плоштадите, мостовите, галериите, музеите и чаршијата ќе бидат места за нови доживувања и средби што се паметат.

– Има ноќи во кои градот се доживува поинаку. Ноќи во кои улиците стануваат сцена, уметноста ни доаѓа во пресрет, а музиката нè спојува. Скопје повторно ќе живее една таква ноќ, нашата Бела ноќ! Ве поканувам заедно да го исполниме Скопје со љубопитност, насмевки и енергија и да ја почувствуваме неговата креативна сила – истакна Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Само за „Бела ноќ“, работното време на угостителските објекти на подрачјето на Град Скопје се продолжува за два часа, за дружењето и убавата атмосфера да траат подолго.
За сите полесно да бидат дел од оваа ноќ, превозот со ЈСП ќе биде бесплатен од 18 часот на 3 октомври до 05 часот на 4 октомври.
Во рамките на „Бела ноќ“, бесплатен ќе биде и влезот во Зоолошката градина Скопје.
Уметноста ве очекува на плоштадот „Мајка Тереза“, на платото пред МОБ, во МКЦ, на Мостот на уметноста, на Боемска улица и во Старата скопска чаршија.
Дел од оваа ноќ ќе бидат и Музејот на Град Скопје, „Аудио Култура“, Домот на градежници, „Мала станица“, ДКЦ „Карпош“, Градската библиотека, Чифте амам, улицата „Македонија“ и Музејот на современа уметност.
Излезете со семејството, повикајте ги пријателите и одберете ја својата прва станица. Дозволете му на Скопје да ве изненади со нешто што досега не сте го виделе, слушнале или почувствувале.
Бела ноќ е покана за сите генерации, за сите што го сакаат овој град и за сите што допрва ќе го доживеат.
На 3 октомври, да ги наполниме улиците со живот и да создадеме уште еден убав спомен за нашето Скопје!