Потпишан Меморандум за соработка за поголемо учество на младите во локалната заедница


Денеска, ЗЕЛС потпиша Меморандум за соработка со министерството за демографија и млади и националниот младински совет на Македонија – за повеќе можности, посилна поддршка и поголемо учество на младите во општините.
 
– Секој млад човек со идеја, знаење и желба да придонесе заслужува институции што ќе го слушнат и ќе го поддржат. Наша одговорност е да создадеме услови во кои младите ќе можат да го остварат својот потенцијал и со увереност да ја градат својата иднина тука, дома – велат од ЗЕЛС.
 
Преку Мрежата на општински службеници за млади се зајакнуваме врската меѓу младите и институциите.
 
– Сакаме нивните предлози да стигнат до вистинското место, да добијат поддршка и да прераснат во конкретни дела што ќе го подобрат животот во локалните заедници. Во Скопје веќе преземаме конкретни чекори. Формиравме младински хаб, го привршуваме формирањето на Локалниот младински совет и отворивме канцеларии за организирање настани за млади во рамките на МКЦ – додаваат од таму.
 
– Создаваме простор за креативност, дружење и иницијативи преку кои младите ќе остават свој белег во градот. Како претседател на ЗЕЛС, давам целосна поддршка за оваа мрежа.
Нашето искуство ќе го ставиме во служба на подобра соработка меѓу општините, размена на добри практики и конкретни резултати за младите – вели Орце Ѓорѓиевски.
 
Тој порача дека во нив имаат соговорници и партнери, а енергијата на младите заслужува поддршка, трудот заслужува можност, а младинскиот глас заслужува да влијае врз одлуките.
 
– Заедно да создадеме повеќе причини да останете и да успеете тука, дома. И повеќе причини оние што заминале повторно да ја препознаат својата можност во Македонија. Вашите идеи имаат сила да ги менуваат нашите општини. Наша обврска е да им дадеме простор да се остварат! – ветува Ѓорѓиевски.