„Профундис“ и Ема Попивода со ексклузивен перформанс на отворањето на „Мјуз-Екс Експо фестивал“ во Тирана


Камерниот оркестар Профундис ќе настапи на свеченото отворање на интернационалниот „Мјуз-Екс Експо фестивал“ (“Muse-X Expo Festival”), кој од  вечерва до 19 април ќе се одржи во Тирана, Албанија. Настапот ќе биде реализиран заедно со истакнатата македонска пијанистка Ема Попивода и ќе претставува централен уметнички момент на отворањето на фестивалот.

На 17 април, публиката ќе има можност да проследи 40-минутен сценско-визуелен перформанс кој ги обединува класичната музика, современиот сценски израз и визуелните елементи. Камерниот оркестар Профундис ќе настапи во соработка со оркестарот на РТШ, претставувајќи современ уметнички концепт кој ја нагласува креативната енергија на македонската музичка сцена.

– „За нас претставува особена чест што токму Профундис ќе биде дел од свеченото отворање на еден ваков интернационален фестивал. Овој настап е можност да ја претставиме современата македонска музичка сцена пред меѓународна публика и да покажеме дека камерната музика може да биде дел од современи мултимедијални концепти,“ изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на Профундис.

„Соработката со Ема Попивода и сценско-визуелниот концепт на проектот отвораат нов простор за креативен израз. Ваквите настапи се значајни не само за афирмација на оркестарот, туку и за позиционирање на македонските уметници на меѓународната сцена,“ додаде Дашиќ.

„Мјуз-Екс Експо фестивал“ претставува интернационална платформа која обединува музика, визуелни уметности, креативни индустрии и културни професионалци од повеќе земји. Фестивалот се одржува на мултифункционална сцена во просторот на Пирамидата во Тирана и вклучува концертна програма, конференции, експо-презентации и професионални средби, со што создава можности за културна размена и нови меѓународни соработки.

Настапот на Камерниот оркестар Профундис на отворањето претставува значајно меѓународно претставување на македонската музичка уметност и уште една потврда за нивното активно присуство на регионалната и европската сцена.

Камерниот оркестар „Профундис“ е формиран во 2019 година под раководство на диригентката Ѓурѓица Дашиќ. Од своето основање, оркестарот постави високи стандарди за изведувачка квалитет и креативност во музичката сцена, собирајќи најистакнати македонски инструменталисти од различни генерации. Идејата на „Профундис“ е да создаде професионален камерен оркестар кој ќе се посвети на изведба на сложени и предизвикувачки дела од класичната музика, а во својата програма вклучува и праизведби на дела од современи автори. Оркестарот активно ги поддржува македонските изведувачи и композитори, а со своите настапи ги носи светски имиња од класичната музика, кои го збогатуваат неговиот репертоар.

Македонската пијанистка Ема Попивода е уметник со изразен современ музички израз и активна меѓународна кариера, која се движи меѓу класичната музика, мултимедијалните проекти и културниот менаџмент. Со својата работа таа се истакнува по иновативниот пристап кон концертната форма, комбинирајќи музика, визуелна уметност и современи сценски концепти.

Покрај изведувачката кариера, Попивода е директорка на Македонскиот културен центар во Тирана, каде активно работи на промоција на македонската култура и развој на регионални и меѓународни културни соработки.