„8 Септември“ десет години функционирала со в.д. директор


Јавната здравствена установа „8 Септември“ во Скопје функционира без усогласен статут, не се донесени ни актите за внатрешна организација и систематизација на работните места и не е извршено сметководствено евидентирање на градежните објекти, иако има таква обврска. Утврдената состојба влијае на работењето на болницата и ги оневозможува внатрешната организација и систематизација, констатирале ревизорите од Државниот завод за ревизија по контролата на финансиските извештаи за 2017 година. Притоа, наведено е дека со болницата изминатите десет години раководи директор вршител на должност, иако оваа функција е со мандат не подолг од шест месеци. Управниот одбор на здравствената установа не постапил според член 108 од Законот за здравствена заштита според кој треба да се донесе одлука за распишување на јавен конкурс за избор на работоводен орган. Се препорачува управниот одбор да донесе одлука за распишување на јавен конкурс за именување на директор, а по спроведувањето, да достави мислење до Министерството за здравство со цел именување на директорот на болницата и склучување на менаџерски договор.

„Со одлука на Влада за основање на ГОБ „8 Септември“ во 2009 година, како работоводен орган на болницата именуван е вршител на должноста директор со мандат не подолг од шест месеци, кој ја извршува функцијата вршител на должноста заклучно со месец август 2017 година. Воспоставената пракса за именување на вршител на должноста директор продолжила и во наредниот период така што, почнувајќи од август 2017 година со решение за назначување на работоводен орган – вршител на должност директор именувано е друго лице со мандат од шест месеци, кое повторно е именувано за в.д. на должноста директор во февруари 2018 година. Во известувачкиот период не е пристапено кон склучување на менаџерски договор за уредување на меѓусебните права и обврски помеѓу вршителот на должност директор и работодавачот“, стои во извештајот на ДЗР.

Болницата има електронски систем за евиденција на работното време, но од извршените разговори со одговорните лица и увидот во расположливите документи за исплата на плати ревизорите утврдиле дека овој систем во текот на 2017 година функционирал формално, односно податоците на истиот не се користени при пресметка и исплата на платите на вработените.

„Извршивме ревизија на начинот на евидентирање и на пресметување и исплата на плата за прекувремена работа, при што констатиравме дека податоците презентирани во системот за пресметка на плата (часови за прекувремена работа), образецот за вршење на работа подолга од полното работно време и електронскиот систем за евиденција на работното време не кореспондираат и не е обезбедено почитување на одредбите на членот 117 став 2 од Законот за работни односи во делот на траењето на прекувремената работа (повеќе од 8 часа неделно). Утврдената состојба влијае на начинот на пресметување на платите на вработените и обезбедувањето на уредни и веродостојни докази за потврдување на исплатените средства на име прекувремена работа“, наведуваат од ревизија.

Во болницата по извршената ревизија на резервите на лекови, медицински и немедицински потрошен материјал, утврдено е дека не е воспоставена финансиска евиденција за приемот и трошењето на материјалите по организациските единици во установата. Согласно одредбите од Законот за здравствена заштита, јавните здравствени установи се должни да воведат редовна евиденција на трошењето на медицинскиот материјал класифицирано по пациент, по упат и по здравствен работник. За задолжителна евиденција на резервите на медицинските материјали во главното депо и во сите домашни депоа на лекови, а заради непречено функционирање на овој систем, установите се должни да обезбедат софтверска апликација која ќе овозможува непрекината двонасочна комуникација и размена на податоците со националниот систем. Одговорното лице на болницата „8 Септември“ во соработка со надлежното министерство треба да преземе активности за имплементација на Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер