СДСМ нема да гласа за интерпелациите бидејќи се етнички мотивирани
СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите за неколку министри затоа што сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа, изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Според него, причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.
Пратеничката група на СДСМ ја напушти пленарната сала и не присуствува на расправата.
„Немаме ниту еден збор во интерпелациите зошто не се преземаат мерки за нечистиот воздух и непреземањето иницијативи на министерот за екологија, немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чиста во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски“, рече меѓу другото Спасовски.
„Сето ова говори дека намерите се поинакви и отворање на нови димензии во однос на етничките прашања“, додаде пратеникот.
„Не е никој друг виновен. Кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Гаши, Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо“, истакна координаторот на пратеничката група.
„Кога поднесовме Закон за правата на бранителите, сите излегоа и рекоа дека ова ќе ги подигне меѓуетничките односи. Не сакаме да учествуваме во нешто што сме го граделе со години, а сега да разговараме за теми со друга позадина. Не е вистинската позадина рушење на неколку министри во Владата“, додаде Спасовски за интерпелациите.
Левица остро ја нападна ваквата одлука на СДСМ.
„„Сервилноста и кукавичлукот на СДСМ ќе биде погубен преседан, коментираат од Левица за Инфомакс откако СДСМ најави дека нема да ја поддржи интерпелацијата за Илире Даути. После два дена координирани напади помеѓу СДСМ и ДУИ за да се амортизира нивната блискост и заедничко дејствување, сега со негласање на интерпелацијата за Илире Даути, СДСМ покажуваат дека не можат да излезат од матрицатата на слугување на интересите на ДУИ.
Причината која СДСМ ја наведоа е само изговор со кој го прикриваат влијанието и притисокот на нивниот партнер ДУИ, од кој очигледно се уште не можат да се ослободат. Интерпелацијата нема никаква врска со етничката припадност на Илире Даути, туку со нејзината несовесна работа како претседател на собраниска комисија. Таа од оваа позиција го крши Деловникот и ја кочи работата на Собранието. Со наводната вистинска одговорност која ја лоцираат кај Гаши и поради која не гласаат за интерпелацијата на Даути, нивната сервилност и кукавичлук ќе значи погубен преседан кој ќе дозволи целосно своеволие на претседателите на комисиите„, изјавија од Левица.