Одборот за акредитација на високото образование го поништи Факултетот за здравствени науки на Мерко

Се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на Меѓународниот Универзитет во Струга


Одборот за акредитација на високото образование на денешната седница донесе Одлука за поништување на акредитацијата на проектот за основање на Факултет за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга.

-Со оваа Одлука на Одборот за акредитација на високото образование се поништуваат и сите други правни дејства во врска со почеток со работа на Факултетот за здравствени науки на приватната високообразовна установа Меѓународниот Универзитет во Струга, соопштија од Одборот за акредитација на високото образование.

Пред неколку дена медиумите објавија дека Меѓународниот универзитет во Струга, зад кој стои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, добива нова образовна гранка, Факултет за здравствени науки. Вакво решение донел министерот за образование и наука во заминување Јетон Шаќири, кој по потекло е од Струга и е сопартиец со Мерко во ДУИ.

Министерството за образование и наука утврдило дека се исполнети условите за почеток со работа на Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот Универзитет во Cтруга. Позитивно мислење дале Агенцијата за квалитет на високо образовани и Одборот за акредитација.

Мерко од лани на 20 јуни, е на црната листа на Стејт департментот поради вмешаност во корупција.