Културните работници на протест ја бараа ветената 12 отсто зголемена плата – министерката попладнево им ја овозможи


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Како што најавија, вработените во културните институции и денеска повторно излегоа на протест пред Министерството за култура поради неисплата на мартовските плати на над 3.000 вработени, а обвинуваат дека нема да го добијат и зголемувањето од 12% кое им следи согласно колективниот договор.

Од Синдикатот на култура велат дека иако вчера имале средба со претставници од Министерството за финансии, таму не бил постигнат никаков договор, а најавија секојдневни протести пред Минстерството за култура до исполнување на нивните барања.

-Нѐ убедуваа дека нас во овој момент не ни следува покачување согласно колективниот договор, бидејки ние во септември минатата година сме добиле 10% покачување од општиот колективен договор. Порачуваме на Министерството за финансии и на Министерството за култура ако ја направило грешката и не предвидело пари во буџетот согласно Колективниот договор за култура тоа да го стори и на овие луѓе овде да им исплати плата и здравствено осигурување во најбрз можен рок – вели Вера Атанасовска, претседателка на синдикатот на култура.

На денешниот протест беа присутни и вработени во културата од други градови, а поддршка добија и од други синдикални организации.

Вчера и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на вонредна седница најави и отпочнување на процедура за генерален штрајк во сите установи во дејноста култура, доколку не се реши нивниот проблем.

Пред две недели од Министерството за култура кажаа дека нема промени во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот за култура. Единствена промена била внесувањето на минималната плата во диспозитивот на договорот.

Од друга страна пак, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, преку фејсбук статус одговори дека од денеска зголемени се платите на сите културни работници за 12 осто.

Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.

„Како што ветив,  платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти. Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, вели министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.

„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.

Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.

Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура,  „не беше свикан со намерата која  Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.

Костадиновска-Стојчевска во својата изјава ги повтори своите ставови, дека секогаш е на страната на вработените, за повисоки плати и за поголеми работнички права.