Камиони од девет милиони денари за „Комунална“ за Гази Баба, како изгледаат скопските улици?


Oпштина Гази Баба набави нова механизација за подобро справување со комуналниот отпад, за што од општинскиот буџет беа потрошени 9 милиони денари. На промоцијата присуствуваше и  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

„Првиот е комплетно завршен проект, а тоа е набавка на нова механизација за јавното комунално претпријатие кое се состои од камион кипер со носивост до 1.200 килограми, кој што ќе биде наменет за подобрување на состојбата со комунален отпад и комуналната хигиена на територија на општина Гази Баба.

 

Второто возило е вакуумска цистерна која што ќе биде наменета за решавање на проблемите на граѓаните кои што ги имаат околу фекалните канализации.

И третото возило е камионет кој што исто така ќе биде наменет за решавање на проблемите на граѓаните кои што ги имаат околу водоводните системи, каптажите и фекалните канализациони системи, особено во високите рурални средини“, појасни градоначалникот на Општина Гази баба Бобан Стефковски.

Вкупната инвестиција на набавката на механизација за јавното комунално претпријатие е девет милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Гази Баба.

Инаку, изгледа на општините најлесно им е да набават нова механизација, која кој знае за што се корсти, затоа што улиците, парковите сите урбани катчиња изгледаат неуредно и гнасно. 

Во 2021 година состојбата беше следна, иако и Градот за своите јавни претпријатија се изнакупувал механизација под сите администрации:

Градската администрација водена од ВМРО-ДПМНЕ купила 100 возила само за ЈП „Комунална хигиена“, (камиони за собирање на смет, чистење и миење на улици, и тоа е најсовремена опрема каква што имаат и големите европски метрополи).
За ЈП „Улици и патишта“, машини за асфалт…
За ЈП „Паркови и зеленило“, набавено 10-тина возила и над 50 косилки…
Администрацијата на СДСМ набавила повеќе од 130 нови возила – механизација…
ЈСП Скопје е побогато за 33 нови МАН автобуси…
ЈП Комунална хигиена набави 51 ново возило, меѓу кои 21 ново комунално возило за собирање смет, нови автоцистерни и метларки.
ЈП Водовод и канализација набави 21 возило, меѓу кои две цистерни под притисок и две за вакуум, нови две теренски возила и 11 товарни возила и градежни машини.
ЈП Улици и патишта набави над 14 нови возила, ЈП Паркови и зеленило набави седум нови возила. ЈП Градски паркинг има пет нови возила „пајаци“
А ГРАДОТ ИЗГЛЕДА ВАКА:
 
 

Сепак, по најновата направена набавка градоначалникот Стефковски смета дека со оваа набавка јавното комунално претпријатие добило соодветни ресурси со цел навистина да прерасне во вистински сервис на граѓаните.

Инаку, тој најави и нов проект кој го промовира во населеното место Хиподром, а тоа е  изградба на нов спортско рекреативен комплекс кој што ќе се содржи од две мултифункционални игралишта. Првото мултифункционално игралиште односно спортски терен ќе биде наменет за одбојка и за кошарка, на соодветна подлога од тартан. А, вториот спортски терен ќе биде наменет за ракомет и мал фудбал, кој што ќе биде на специјализирана, гумирана гранулатна подлога.

Исто така проектот предвидува комплетно осветлување на овој комплекс и изградба на ново детско катче, фитнес зона и комплетно хортикултурно уредување со патеки од павер елементи.

Ова беше едно од кредитните барања на граѓаните на населеното Хиподром и сметам дека ќе добијат еден спортски центар во кој што ќе можат особено помладите да спортуваат, рекреираат и да се дружат тука.

Како локална самоуправа и наредниот период продолжуваме со посветено и засилено темпо да работиме на реализација на капитални инвестиции. Од тука во оваа прилика сакам да најавам дека за многу кратко од денес започнуваме со изградба на нова училишна зграда во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Ченто. Постапката ни е при крај, во делот на избор на изведувач на градежните работи јас убеден сум дека за неполн месец од сега ќе започнеме со изградба на ова основно училиште.

Дополнително интензивно работиме на подготвување на документација за распишување на два поголеми капитални проекти, а тоа е изградба на детската градинка во Трубарево и изградба на детска градинка во Инџиково.

Исто така ја распишавме постапката за довршување на спортската сала во Булачани. И убеден сум дека почетокот на школската година од септември учениците ќе имаат можност на часовите по физичко и здравствено образование да ги одржуваат во една современа спортска сала.

Понатаму продолжуваме со нови спортски терени, нови детски игралишта. Оваа година имаме распишано постапка да асфалтираме повеќе од 30 улици на територија на општина Гази Баба.

Имаме обезбедено средство за изградба на поголем дел на фекалните канализации во руралните населени места, тука ќе споменам и Јурумлери како едно најголемо населено место за кое што имаме обезбедено милион евра за фекална канализација. А, потоа Трубарево, Чукур маало, Гоце Делчев и продолжуваме со градежни активности и во Црешево.

Така што како локална самоуправа работиме со засилено темпо, со цел од ден во ден Гази Баба да прерасне во едно поубаво место за живеење“, рече Стефковски.