68. Евросонг: Израел се пласира во финалето и ги засени другите финалисти


Малме – Летонија, Австрија, Холандија, Норвешка, Израел, Грција, Естонија, Швајцарија, Грузија и Ерменија се пласираа во финалето на Евровизија, кое ќе се одржи в сабота во Малме. Тие ќе им се придружат на останатите 10 финалисти од првата полуфинална вечер која се одржа во вторникот: Србија, Хрватска, Словенија, Португалија, Украина, Литванија, Финска, Кипар, Ирска и Луксембург.

Во финалето ќе пеат и земјите од големата петорка: Велика Британија, Германија, Италија, Франција и Шпанија, како и домаќинот Шведска. Македонија не учествува на Евровизија втора година по ред.

 

Најголемо внимание синоќа предизвика настапот на претставничката на Израел, Еден Голан, која ја испеа песната „Ураган“. На почетокот, публиката ја пречека со негодување, а на крајот од настапот таа доби аплауз. Голан е родена во Кфар Саба, Израел во 2003, мајка ѝ е од Украина, а татко ѝ од Летонија. 

Демонстрации на улиците, свирежи пред сцената: учеството на Израел на овогодинешниот избор за песна на Евровизија (ЕСЦ) се соочи со многу контраветер, но публиката гласаше за влез на пејачката Еден Голан во финалето. Таа беше пречекувана со свирежи и извици на незадоволство уште за време на пробите, но беше поздравувана и со аплауз. Голан настапи во бел фустан кој визуелно потсетува на завои. Учеството на Израел на изборот за песна на Евровизија е многу контроверзно со месеци.

 

Протести против израелското учество на ЕСЦ

 

На неколку демонстрации во Малме, повеќе илјади луѓе вчера (9.05) побараа земјата да биде исклучена од натпреварот. Полицијата процени дека меѓу 10.000 и 12.000 луѓе се приклучиле на демонстрациите под слоганот „Исклучи го Израел од Евровизија“. Демонстрантите ја критикуваа и Европската радиодифузна унија ЕБУ бидејќи Русија беше исклучена од ЕСЦ по нападот на Украина, но Израел не беше, без оглед на неговите акции во Појасот Газа.

Малме протести ЕСЦ Евровизија
Повеќе илјади луѓе побараа Израел да биде исклучен од ЕСЦФотографија: Johan Nilsson/TT/AP/picture alliance

 

Во Малме живеат многу Палестинци

 

На протестите учествуваше и климатската активистка Грета Тунберг, која е позната по своите пропалестински позиции. Во Малме живее  мнозинството од палестинската заедница во Шведска. Во градот редовно се одржуваат пропалестински собири од почетокот на војната помеѓу Израел и радикалниот исламистички Хамас. Во градот имаше и демонстрации со музика за поддршка на Израел. Најавен е уште еден протест против учеството на Израел. Полицијата во Малме ги зајакна мерките за безбедност, а во тоа има поддршка, меѓу другото, од Данска и Норвешка.

Малме протести Грета Тунберг
На протестите учествуваше и климатската активистка Грета Тунберг, која е позната по своите пропалестински позицииФотографија: Johan Nilsson/EPA

 

Неколку учесници на ЕСЦ се изјаснија за исклучување на Израел

 

Неутралност на ЕСЦ на првиот полуфинален ден на музичкото натпреварување побара шведскиот пејач Ерик Сааде. Тој за време на својот настап носеше палестински шал на раката, што беше критикувано од организаторите и шведската телевизија СВТ. Тие ја истакнаа аполитичноста на настанот. „Треба да има демонстрации, луѓето треба да го кажат своето мислење, луѓето треба да бојкотираат“, рече Магнус Бормарк, кој со својата група Гејт настапува за Норвешка. Гејт, заедно со други учесници, претходно јавно повика на траен прекин на огнот во Појасот Газа. (ЕБУ,  Дојче Веле)