Едно лице е повредено во сообраќајката кај „Љубен Лапе“
Според првичните информации едно лице е повредено во сообраќајка што се случила утрово во скопската населба Аеродром.
Во СВР Скопје денеска била пријавена сообраќајна незгода на ул. „Васко Карангелевски“ помеѓу „рено меган”, со скопски таблички, управувано од Л.Д. (60) и „тојота” со скопски таблички, управувана од Е.Д.Б. (45).
Според првичните информации, со телесни повреди се здобила Е.Д.Б. и укажана и е помош во Клинички центар „Мајка Тереза”.
Сообраќајката предивизка серија реакции на социјалните мрежи.
– Апел до сите возачи, пешаци и родители – избегнувајте ја „Васко Карангелески“ додека не се исправат сите неправилности. Апел до властите – затворете ја улицата додека не настрада некое дете! Град Скопје, oва не е булевер, ова не е ни улица, ова е КЛАНИЦА, напиша на фејсбук Марјан Лазаревски.
– Со што заслуживме ваков инженерски кикс на 20 метра пред училиште? Втора (евидентирана) сообраќајка во само неколку дена. Ве молам, споделувајте и давајте идеи како да побрзо го средиме овој хорор, прашува тој.
Граѓаните на социјалната мрежа бараат од градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски да седнат заедно и да најдат решение за, како што пишуваат, очигледниот ерор и лош проект.
Пред неполн месец, се случи сообраќајна несреќа, во која автомобил удри во велосипедист, а велосипедистот „летнал“ во пешак со бебе на крстосницата кај „Мајчин дом“.
Реагираа и од Општина Аеродром
По реакциите од страна на граѓаните на Аеродром, пензионерските здруженија, вработените и родителите на децата кои учат во ООУ „Љубен Лапе“, откако денеска се случи сообраќајна несреќа во која едно лице е повредено, од Општина Аеродром информираа дека во изминатиот период во неколку наврати оствариле комуникација со градската администрација во насока на решавање на проблемот со безбедноста на улицата „Васко Карангелевски“.
Општина Аеродром, во текот на денешниот ден, најавуваат, уште еднаш со писмено барање ќе побара надлежните институции да ги преземат потребните активности за решавање на овој проблем.
– Безбедноста на граѓаните е најважна и токму поради уште еднаш апелираме и бараме Министерството за внатрешни работи, Градот Скопје и градската администрација да преземат соодветни мерки за ревидирање на сообраќајното решение за улицата „Васко Карангелевски“, во насока на поставување на соодветна сигнализација со која се гарантира безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот, се вели во соопштението од Општина Аеродром.
Оттаму уште еднаш ја информираат јавноста дека реализацијата на проектот за улицата „Васко Карангелевски“ е целосна надлежност на градот Скопје и Општина Аеродром, подвлекуваат, нема никаква надлежност во однос на сообраќајниот проект и сообраќајната сигнализација.