Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата


Фото: Б. Грданоски

Бенефитот од изборот на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ ќе го имаат сите граѓани на Скопје, затоа што претставува одлична можност за соработка и комуникација меѓу регионите и европските држави. При тоа во Скопје активно ќе соработуваат двата града од Чешка и од Франција, а блиска соработка ќе има и со градот од Германија, којшто е избран за престолнина на културата во 2025 година.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференцијата поврзана со изборот на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ посочи дека ќе имаме сериозна соработка со дел од градовите кои веќе се избрани за европски престолнини на културата во годините до 2028 година.

-Со нас активно ќе соработуваат двата града од Евроска Унија, од Чешка и од Франција, кои ќе бидат партиципиенти во истиот процес, меѓутоа и блиску ќе соработуваме со градот од Германија кој е избран за престолнина на културата во 2025 година. Во блиски соработници се вклучени градовите од Словенија, Хрватска, но и од целиот регион. Се надевам дека овој наш успешен национален проект ќе биде исто така успешен и регионален и европски проект, порача Арсовска.

Таа додаде дека бенефитот ќе го имаат сите граѓани на Скопје и во државата, но и граѓаните од целиот регион, затоа што ова претставува фантастична можност за соработка и комуникација меѓу регионите, меѓу европските држави за проекти и програми од областа на културата.

-За мене лично како градоначалник на Градот Скопје ми беше од исклучителна важност да се постигне ова, затоа што Скопје 2028 – Европска престолнина на културата беше дел од мојата предизборна програма и од програмата која што ја избраа граѓаните на Скопје. Со оваа победа реализираме уште едно од ветувањата дадени пред граѓаните и навистина високо го ценам импутот којшто секој од нашите сограѓани, од нашите тимови и од учесниците од градската администрација го даде. Благодарност до Владата и до министерката за култура која во целиот овој процес несебично не поддржа, рече Арсовска.

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на денешната прес-конференција посочи дека изборот на Скопје за „Европска престолнина на културата за 2028 година“ е огромен успех за македонската култура и тест за нашиот однос кон неа.

Како што рече министерката, во 2028 година Скопје нема да биде крстопат туку точка на средба на културите кои своето богатство, уникатност и различност ќе ги стават во функција на утврдување и засилување на европското чувство кај сите.

-Придобивките се огромни, можностите се неисцрпни. Ги повикувам на креативна мобилизација сите културни работници и уметници, независната културна сцена, младите автори, иновативните луѓе, креативните индустрии, невладиниот сектор, туристичките работници, занаетчиите, бизнис-заедницата, медиумите… Имаме потенцијал кој, убедена сум, нема да ја пропушти шансата да се покаже во своето најдобро издание. Ова треба да е наша заедничка инвестиција во една незаборавна година, година во која Скопје ќе биде достојна и впечатлива европска престолнина на културата, рече Костадиновска-Стојчевска.

Таа потсети дека Владата преку Министерството за култура, се обврза на безрезервна поддршка и финансиска и кадровска и инфраструктурна, во служба на „Скопје 2028“.

Евроамбасадорот Дејвид Гир на прес-конференцијата рече дека најважно во „Скопја 2028“ е вклученоста на млади и талентирани луѓе, а како што напомена, ЕУ ќе даде поддршка во текот на целиот процес.

-Во 2028 година Скопје ќе биде срцето на културата во Европа. Сето ова изискува визија и неуморна решителност, како и вклученоста на сите етнички заедници и политички чинители во земјата. Најважна е вклученоста на младите луѓе кои се талентирани. Им честитам на целиот тим кои помогнаа во остварување на оваа цел. Сега е време визијата да се реализира во пракса, рече Гир.

Елизабета Јовановска која е дел од тимот за реализација на овој проект најави дека и маргинализираните групи ќе добијат свое место на сцената.

-Ќе имаме можност талентите и способностите на оваа група наши сограѓани да ги претставиме под пошироката јавност и публика, со бесплатни влезници за посета на сите настани ќе овозможиме подобар социјален живот за лицата со попреченост, рече Јовановска на прес-конференцијата. Акцент ќе биде ставен и на независната културна сцена.