Нови простории во градинката „Весели цветови“ за уште 90 деца


ДГ ,,Весели Цветови” е проширена за околу 90 дечиња, а градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиев, најавува и  изградба на нов објект во склоп на ,,Кокиче” за 120 деца.
 
Завршија градежните работи за проширување, односно преадаптација на 4-5 простории од објектот, со што капацитетот на градинката е зголемен за уште 90-тина дечиња.
 
 Она што е посебно значајно е дека една од трите нови занимални ќе биде наменети за најмладите, односно за првпат во објектот ,,Кокиче” ќе функционираат и јасли.
 
„Во моментов очекуваме да пристигне мебелот, кој е обезбеден преку Министерството за труд и социјална политика, на кое сакам да му се заблагодарам за поддршката во оваа значајна мисија“, пишува Ѓорѓиев.
 
 
Исто така, изготвен е и проект и обезбедени се финансиски средства за доградба на сосема нов објект во склоп на ,,Кокиче”, во кој ќе има простор за 120 нови дечиња.
 
На површина од 525 квадратни метри, тој предвидува шест занимални и тоалети, енергетска ефикасност, целосно партерно уредување, изведба согласно сите стандарди, правилници и нормативи кои условуваат и овозможуваат позитивен ран детски развој.
 
„Со ова, слободно може да каже, дека наследените листи за чекање од минатото, на кои имаше над 450 дечиња и кои со напорна работа во целиот овој период откако ја презедов градоначалничката функција, отворајќи околу 300 нови места во градинките, наскоро воопшто ќе ги нема“, вели тој.
 
По отворањето на првата детска градинка во Усје, ставањето во функција на новата градинка во Драчево, проширувањето на капацитетот на објектот ,,Синоличка”, како и создавањето на простор, по завршувањето на градежните активности во објект ,,Кокиче”, се планира изградба на уште една нова градинка во Расадник.