Кишида го повлече својот син од позицијата секретар поради скандал


Најстариот син на Фуми Кишида, јапонскиот премиер, ќе се повлече од функцијата извршен секретар за политика по негодувањето од јавноста поради неговата употреба на службена резиденција за приватна забава. Фотографиите објавени од неделникот Шукан Буншун го покажуваат Шотаро Кишида и десетина други како позираат или лежат на симболично важните скали на резиденцијата покриени со црвени тепих.

На овој начин сакаа да имитираат групни фотографии од новоименуваниот кабинет, а во центарот е Шотаро, позиција резервирана за премиерот. На други фотографии направени на забавата одржана на 30 декември минатата година се гледаат гости како стојат на подиумот како да одржуваат прес-конференција, пишува Гардијан.

Оставката на Шотаро Кишида е удар за неговиот татко, чиј рејтинг се подобри по самитот на Г7 овој месец во Хирошима и наводниот обид за атентат врз него.

„Со оглед на тоа што тој е секретар за политички прашања (на премиерот), што е јавна функција, неговите постапки беа несоодветни и решив да го сменам за да преземам одговорност. Се разбира, одговорноста за назначувањето е на мене“, рече Фумио Кишида.

Ова не му е прв скандал
Тој најави дека неговиот син во четврток ќе биде заменет од долгогодишниот личен асистент Такајоши Јамамото. Главниот секретар на кабинетот Хироказу Мацуно претходно го опиша настанот како „несоодветен“ и вети дека ќе се погрижи резиденцијата повторно да не биде злоупотребена.

Зградата стара речиси 100 години претходно служеше како премиерска канцеларија, а беше претворена во станбен простор во 2005 година кога беше изградена нова канцеларија. Ова не беше првпат 32-годишниот Шотаро да биде критикуван за злоупотреба на службената положба.

Во јануари, тој беше критикуван дека користел автомобил од амбасадата за приватни патувања во Обединетото Кралство и Париз и за купување сувенири за членовите на кабинетот во луксузна стоковна куќа во Лондон.

Именување на членови на семејството вообичаено е во јапонската политика
Кишида рече дека жестоко го прекорил својот син, но тоа не успеало да ги смири критиките од јавноста и од опозициските пратеници кои го обвинија за непотизам. Шотаро почна да работи за својот татко во март 2020 година, откако ја напушти работата во трговска куќа, при што Кишида инсистираше дека го назначи својот син поради неговата „личност и увид“.

Скандалот може да ги ублажи шпекулациите дека Кишида планира да распише предвремени избори за Долниот дом по генерално позитивните критики за неговиот настап за време на самитот на Г7 во Хирошима, кој беше од затворен тип затоа што таму лично се појави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Шотаро ја презеде функцијата секретар за политика во октомври минатата година. Тоа е едно од осумте секретарски позиции. Именувањето на членовите на семејството како чекор кон нивно уредување како наследници е вообичаено во јапонската политика, која има голем дел  наследни законодавци. Шотаро претходно беше приватен секретар на неговиот татко.