Припадничка на АРМ барала поткуп од кандидат, остана без работа


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Припадничка на АРМ била приведена и ќе остане без работа, затоа што од кандидат побарала 3.000 евра поткуп, за тој да биде примен на оглас објавен од Армијата.

Како што соопшти министерката за одбрана преку нејзиниот Фејсбук профил, вчера во заедничко дејствување, припадниците на Службата за воена безбедност и разузнавање при Министерство за одбрана и Министерство за внатрешни работи, во координација со Јавното обвинителство приведоа припадничка на Армијата на Република Северна Македонија заради вршење на кривично дело поткуп.

Вработената, служејќи се со лаги и манипулации уценувала кандидат пријавен на оглас да и даде 3.000 евра за да биде примен. Кандидатот е успешен и секако ќе беше примен, а лакомата вработена е лишена од слобода, ќе го изгуби работното место и ќе биде кривично гонета исто како и нејзините соучесници.

„Ова нека биде порака за сите: за криминалот нема место во Армијата!
Ги охрабрувам сите да ги пријавуваат ваквите случаи – криминалот и корупцијата ќе добијат жесток и бескомпромисен одговор“, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска на Фејсбук.