Ликот на Таравари злоупотребен во реклами за брзо слабеење, тој тврди дека се лажни


Градоначалникот на Гостивар и доктор Арбен Таравари се огласи по повод рекламите за брзо слабеење.

Тој вели дека како лекар, длабоко е загрижен за ширењето лажна реклама во негово име за производ за слабеење, за којшто се тврди дека придонесува за губење на телесната тежина.

„Ги повикувам луѓето да бидат исклучително внимателни кога наидуваат на вакви содржини, коишто во дадени околности дури може да предизвикаат и големи штети по нивната здравствена состојба. Мој приоритет отсекогаш бил грижа за здравјето и благосостојбата на граѓаните. Сите граѓани треба да имаат пристап до точни и веродостојни информации кога станува збор за нивното здравје и благосостојба. Ги повикувам институциите да преземат мерки против ваквите лажни реклами коишто не само што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда, туку и да предизвикаат сериозни здравствени ризици“, вели Таравари.

Претходно, ликот на д-р Никола Пановски, кој народот најмногу го препознава поради Ковид-19 пандемијата, кога речиси редовно даваше мислења, како и ликот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, се најде на реклами за одредени лекови и суплементи.