Интересно откритие во медицината: Раните зараснувале три пати побрзо со помош на струја


Научниците развија специјален биочип кој користи електрична енергија за заздравување на раните три пати побрзо од вообичаеното. Одамна е познато дека електричните полиња можат да го насочат движењето на клетките на кожата, туркајќи ги, на пример, кон местото на повреда. Всушност, самото човечко тело создава електрично поле за да го постигне овој ефект.

Затоа, експертите од Универзитетот во Фрајбург во Германија истражувале дали ефектот од овој природен процес може да се засили и добиле позитивен резултат. Иако повредите не можат да се залечат со оваа метода со иста брзина како во научно-фантастичната серија „Ѕвездени патеки“, се чини дека сепак сме чекор поблиску до помодерен и побрз метод на лекување.

Спас за дијабетичарите и постарите?
Имено, оваа процедура би можела радикално да го намали времето потребно за опоравување по полесни повреди или рани. За оние со хронични рани на кои им треба долго време да зараснат, како што се постарите лица, луѓето со дијабетес или слаба циркулација на крвта, брзото закрепнување од малите исеченици буквално може да биде спас.

„Нашето откритие на метод со кој раните зараснуваат до три пати побрзо може значително да го подобри животот на дијабетичарите и постарите лица, кои често имаат проблем со повредите кои многу бавно зараснуваат“, вели научникот за биоелектроника Марија Асплунд од Универзитетот во Фрајбург.

Со цел да тестираат како силата и насоката на електричното поле влијае на отворените рани, научниците развија биоелектронска платформа и на неа одгледаа вештачка кожа, која се состои од кератиноцити – најчестиот тип на клетки на кожата кои се клучни за процесот на заздравување. Тие, исто така, ги споредија резултатите од примената на електрични полиња на едната страна од раната со наизменични полиња на двете страни, пишува Science Alert.

Вештачките клетки со дијабетес заздравуваа скоро исто толку брзо како и здравите клетки
Тие увиделе дека кератиноцитите дизајнирани да личат на оние на луѓето со дијабетес мигрираат до три пати побрзо од клетките на кои не се применува струја, при што пристапот што се применувал само на едната страна од кожата се покажал како најефикасен. За време на тестирањето, електричните полиња не предизвикаа оштетување на клетките на кожата.

„Кога имитиравме дијабетес во клетките, раните на чипот зараснуваа многу бавно. Но, со електрична стимулација, толку многу го забрзавме процесот на заздравување што речиси наликуваше на здравите клетки на кожата”, вели Асплунд. Експертите сега имаат намера да го тестираат овој метод на луѓе, односно на вистински рани, а не на клетки од кожата одгледувани во лабораторија.

Истражувањето под наслов „Биоелектронско микрофлуидно заздравување на рани: платформа за истражување на стимулација на директна струја на повредените клеточни групи“ беше објавено во списанието Lab on a Chip.