Како денес ја паметиме „А1“
Како прва приватна телевизиска куќа во Македонија со национална концесија, „А1“ со своето дводецениско постоење одбележа една цела генерација, и тоа во клучниот период на редефинирање на македонското општество по осамостојувањето.
Пишува: Кристијан Фидановски
Српската историчарка Радина Вучетиќ го опишува денешното српско новинарство како „еден страшен хибрид помеѓу реалити-шоуто „Големиот брат“ и Големиот брат од романот „1984“ на Џорџ Орвел“. Ваквата досетлива дијагноза неодоливо потсетува и на состојбите во македонското новинарство.
Кај нас, Орвеловиот Голем брат безмалку до вчера беше олицетворен низ „режимските“ медиуми, кои цела деценија унисоно ни ги переа умовите по диктат на владата на Груевски. За разлика од него, овој другиот, на прв поглед помалку страшен „голем брат“, не е пропагандна алатка (барем не намерна), па како таков не умира дури ни кога режимските стеги ќе попуштат. Тој е производ на нашата општествена (не)зрелост и културна имагинација. За разлика од режимот, тој не може да се „победи со пенкало“.
Овој втор „Голем брат“ е јасно видлив во тажната зачмаеност која веќе подолго (и предолго) време владее со медиумскиот простор. Ваквата зачмаеност не се должи само на хроничниот недостаток на оригиналност, од кој денес, донекаде поради финансиски причини, а пред сè поради силите на глобализацијата, во одредена мера боледуваат веројатно сите помали држави во светот. Многу позначаен фактор за зачмаеноста е губењето секаков чекор со современите медиумски трендови во свет во кој сè ни е на дофат на компјутерското глувче. Во еден хипер-поврзан свет, просторот за оригиналност е навистина ограничен, што сепак не значи дека и „копирањето“ не може да биде добро новинарство, само доколку постои знаење и вкус.
„А1“ како огледало на современата медиумска индустрија
Современата медиумска индустрија во Македонија без никаков сомнеж беше донесена од „А1“, и тоа долго пред контроверзното затворање на телевизијата во 2011 година. Како и секаде во светот, таквиот увоз дојде во пакет, носејќи ги со себе сите придобивки на оваа индустрија, но и сиот конзумеристички шунд на „доцниот капитализам“. Еден од главните елементи на овој шунд беше токму „Големиот брат“, чија екс-ју верзија со години се емитуваше во ударен термин на оваа телевизија.
Сеќавањето на овој и на бројни други ТВ-производи од категоријата „ниски страсти“, со кои „А1“ во последните години од своето постоење ги таргетираше нашите најпримитивни сетила, побудува негативна слика за оваа телевизија. Професорот Ненад Марковиќ е во право кога вели дека „А1“ всушност им нудеше многу посуптилна (и веројатно поефикасна) платформа на политичките партии, и тоа многу години пред Груевски да воспостави директна контрола врз медиумите. „Придобивањето на гласачкото тело по моделот турска серија-информативна програма-турска серија“, при што компонентата „информативна програма“ се заменуваше со предизборни митинзи во период на кампања, „го измисли Велија Рамковски, а само го усоврши Љубисав Иванов-Ѕинго“, вели Марковиќ.
На тој начин, турските серии и реалните шоуа играа неочекувана политичка улога така што ја лишуваа анестезираната јавност од каква било желба и способност за критичко размислување, со тоа отворајќи чист терен за нејзино обликување во посакуваната форма. Уште поперфидно, Рамковски честопати ја користеше „А1“, како и останатите делови од својата медиумска империја, весниците „Време“ и „Шпиц“, за бесконечна промоција на сопствената политичка партија со кратко траење, Партијата за економска обнова.
Втората работа по која неизбежно ја паметиме „А1“ е нејзиното ненадејно затворање. Поради нејзиниот неславен крај, сеќавањето на империјата на Рамковски секогаш во голема мера ќе се дефинира низ оправданоста на кривичната пресуда против самиот Рамковски. Како и за секој друг судски процес од времето на „груевизмот“, јавноста и ден денес се сомнева во веродостојноста на случајот „Пајажина“, меѓудругото и поради силните симпатии кои повеќето од нас сè уште ги негуваат кон „А1“. За жал, со оглед на целосното отсуство на „Пајажина“ од „бомбите“ и од обвиненијата на СЈО, станува сè поизвесно дека доказите против Рамковски и останатите обвинети биле автентични.
„Диктатурата на дело“ или масовна даночна измама?
Но сепак, имајќи ги предвид обемните сознанија за политичка контрола врз судството во истиот период, подеднакво извесно е и дека фактот што на Рамковски му беше изречена максималната затворска казна од 13 години за кривичните дела за кои беше осуден не бил случаен. Веројатно не беше случајно ни сензационалистичкото парадирање со Рамковски во лисици и во придружба на маскирани специјалци за време на судската постапка, ниту пак експресната брзина на постапката за македонски стандарди, која севкупно траеше малку повеќе од една година (од апсењето на Рамковски до објавувањето на пресудата). Дури и Европскиот суд за човекови права пресуди во корист на Рамковски, изрекувајќи парична казна против државата за кршење на членот 5 од Европската конвенција за заштита на човековите права преку неоснованиот притвор за Рамковски за време на постапката.
„Диктатурата на дело! Ова е демократијата на Груевски“, порача Рамковски пред едно од рочиштата.
Код, Чуму, А1 Ексклузив, Операција Триумф…
Дури потоа, на далечното трето место, иако веројатно би требало да бидат на прво, доаѓаат сите убави работи по кои ја паметиме „А1“.
На „А1“ бездруго ќе се сетиме летово, кога низ Светското првенство во фудбал ќе нè води речиси целата некогашна спортска редакција на „А1“, која и денес, како и тогаш, го сочинува кремот на македонското спортско новинарство. На „А1“ се сеќаваме и при секоја епизода од шоуто „Еден на еден“, денес можеби најпопуларната ТВ-програма во Македонија. Симболиката во овој случај е двојна. Не само што водителот Жарко Димитриоски за првпат ѝ стана познат на македонската публика кога своевремено го водеше „А1 Ексклузив“, туку кај нас веројатно воопшто и немаше да има пазар за еден современ западен ТВ-производ како ток-шоуто, доколку „А1“ одамна не ја отвореше македонската публика кон ваквиот тип производи.
На „А1“ се сеќаваме и кога гледаме дебатни емисии. Ваквите емисии денес ги има на секој чекор, но најчесто благодарение на надворешно финансирање, како што се најгледаните „Топ Тема“ и „360 степени“, што ја наметнува претпоставката дека овие проекти, сами по себе, не би биле профитабилни за телевизиските куќи преку гледаноста што ја привлекуваат. За разлика од овие емисии, „А1“ имаше смелост самата да отпочне и со години да одржи авторски проекти како „Код“ и „Чуму“. Оттука, додека на „А1“ со право ѝ се забележува за потценувањето на својата публика со претходно споменатиот шунд, истовремено мора и да ѝ се честита за лансирањето интелектуална содржина во ударни термини, со која ги држеше своите гледачи на еден повисок и дотогаш непознат стандард.
Дополнително, иако дебатни емисии денес имаме во изобилство, директни ТВ-дуели помеѓу водечките политички чинители се раритет. Неодамнешниот дуел на МТВ помеѓу Заев и Мицковски беше прво лидерско соочување по речиси две децении. Лани Груевски и Заев буквално се разминаа на „Топ Тема“ дента по настаните на 27 април. За разлика од сегашната состојба, во минатото директни дуели беа норма, и тоа во голема мера поради „А1“. Долго ќе се памети ТВ-дуелот пред првиот круг од претседателските избори во 2009 година, делумно по загрижувачки бледата претстава на сè уште актуелниот претседател, но пред сè по фактот дека половина Македонија не можеше да го проследи дуелот поради симптоматичен прекин на сигналот.
Списокот на нешта поради кои ни недостасува „А1“ не завршува со сериозните содржини. Во споредба со денешниот шунд на романтични запросувања и квази-трогателни љубовни приказни, дури и условно поповршните содржини на „А1“ наменети за масовна публика, како „Операција триумф“, „Јас имам талент“, се одликуваа со одреден степен на оригиналност. Дури и некои денешни проекти како „Фчерашни новости“, кои ни делуваат како авангарден западен увоз, всушност одамна имаа свој преседан на „А1“ преку таканаречената „На рапорт со Јофе“, чиј концепт беше безмалку идентичен. Дополнително, „А1“ беше пионер и со својата етничка инклузивност, изразена меѓудругото преку новинарот Лирим Дулови и преку пaртнерството со албанскиот дневен весник „Коха е ре“.
Дополнително, списокот би бил нецелосен доколку не се споменат и многубројните холивудски серии со висок квалитет, како „24“, „Вовед во анатомија“ и „Истрага на местото на злосторството“, на кои голем дел од нас им го должат усовршувањето на англискиот јазик. Пред да загосподарат турските серии, овие содржини беа емитувани на „А1“ во ударен термин, и како такви беа неизбежно гледани од сите генерации, со тоа модернизирајќи го целокупното општество и зголемувајќи ја општествената кохезија. Дали денес можеме воопшто да замислиме да ги гледаме новите епизоди од „Game of Thrones“ на некоја македонска телевизија, а камо ли да го правиме тоа со нашите баби и дедовци!?
„И јас сум А1“?
Имајќи го сето ова на ум, дали во 2018 можам да го позајмам слоганот на телевизијата од периодот пред нејзиното затворање и со чиста совест да кажам дека „и јас сум А1“? Доколку тоа значи турски серии и реални шоуа кои и ден денес не заглупавуваат, тогаш не сум „А1“. Доколку тоа значи општествена амнестија за опсежен даночен криминал само затоа што ми недостасува омилената телевизија, тогаш исто така не сум „А1“. Сепак, и тоа како сум „А1“, доколку тоа значи дека со радост се сеќавам на сите современи, смели и разновидни содржини кои оваа телевизија ги нудеше цели две децении. Содржини со кои самостојна Македонија растеше и кои толку очајно недостасуваат во денешното медиумско сивило.
*Кристијан Фидановски има дипломирано политички науки и источноевропски студии на Универзитетскиот Колеџ Лондон. Моментално живее во Вашингтон, каде е дел од постдипломска програма по руски и источноевропски студии на универзитетот Џорџтаун. Исто така е уредник на онлајн-магазинот на англиски јазик за политички и општествени прашања во Источна Европа „Востокијан“. Негови примарни интереси се политиката и општеството на ексјугословенските простори.
Блогот е преземен од РесПублика