Шпаркасе: Во соработка со МВР спроведуваме истрага за инциденти во сефовското работење


Шпаркасе Банка Македонија во соработка со Министерството за внатрешни работи, согласно законските прописи спроведува истражна постапка во однос на изолираните пријавени инциденти во сефовското работење, известуваат од банката.

„Шпаркасе Банка Македонија продолжува регуларно да ги извршува активностите во доменот на сефовското работење согласно поставените интерни процедури и законските прописи. Банката ги преземa сите мерки за да ги заштити интересите на клиентите и да ги опслужува со висока професионалност“, стои во соопштението од банката испратено откако во СВР Скопје пристигнала идентична пријава од пет лица.

Претходно денеска, петмина граѓани пријавиле во СВР Скопје дека им недостасуваат пари и предмети кои ги чувале во сефови во објект на „Шпаркасе банка“ во Скопје.

Од МВР информираа дека веднаш по добиената пријава известен е јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за расчистување на случајот.