Центарот за стерилизација на хируршки инструменти во „Мајчин дом“ пред фаза на тестирање


Дел од Ортопедската клиника за деца „Мајчин дом“ што порано се користеше како стационар, се пренаменува во центар за стерилизација на хируршки инструменти. Активностите се реализираат преку јавно-приватно партнерство со одлука на Владата, а приватниот партнер најавува заокружување на работите за околу еден месец по што ќе следи тестирање и нудење услуги.

Како клучна придобивка од центарот се најавува зголемена безбедност од инфекции за пациентите. Ќе се нудат услуги како поддршка на хируршки одделенија преку воведување соодветни и современи протоколи, нова медицинска технологија и хируршки инструменти, медицински потрошни материјали, човечки ресурси со кои ќе се применуваат сертифицирани стандарди за контрола на ризици од инфекции поврзани со реализација на хируршки зафати. Практиката на досега спроведените вакви проекти во рамки на Европската Унија и пошироко, покажала радикално намалување на интерхоспиталните инфекции.

 

Од управата на приватниот партнер за проектот, „Скопстер“, за МИА изјавија дека дел од објектот на „Мајчин дом“, што моментно се оспособува, е еден од предвидените четири регионални центри за интегриран менаџмент за стерилизација на територија на државата. Единицата „Мајчин дом“, е прва од тој тип во нашата држава, во рамки на која ќе се вршат низа активности за хигиено – технички третман и контрола на контаминација на хируршки инструменти – санирање и стерилизација, од каде ќе се дистрибуираат до хируршките одделенија.

-Во објектот „Мајчин дом“, лоциран во скопската општина Аеродром, за реализација на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции, доделен е дел од објектот потребен за функционирање и реализација на „договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции“. Согласно овој договор, „Скопстер“ како приватен партнер има обврска за проектирање, изведба и ставање во употреба на потребни единици за непречено функционирање на јавното приватно партнерство. Во моментот се вршат активности за оспособување на делот од објектот „Мајчин дом“, кој е доделен за оваа намена, појаснија од „Скопстер“.

Сите извршени и тековни активности за оспособување на овој дел од објектот во целост се финансирани од приватниот партнер.

-Според договорот за јавно-приватно партнерство, предвидено е да се нудат услуги кои претставуваат поддршка на хируршки одделенија преку воведување соодветни и современи протоколи, нова медицинска технологија и хируршки инструменти, медицински потрошни материјали, како и човечки ресурси со кои ќе се имплементираат сертифицирани стандарди за контрола на ризици од инфекции поврзани со реализација на хируршки зафати, најавуваат од „Скопстер“.

Оттаму велат дека адаптацијата за оспособување се одвива согласно предвидените рокови. Работите би требало да завршат за околу еден месец, по што ќе следи период за тестирање и ќе почне услугата.

Примената на целокупниот систем за интегрирано управување со иновативни решенија за хирургија и здравствена заштита од болничка инфекција се очекува да има придобивки на неколку нивоа. Се нуди поголема ефикасност, добри услови за работа и соодветен менаџмент во реализацијата на хируршките зафати, како за хирурзите така и за медицинскиот персонал, посочија оттаму.

Од „Скопстер“ потенцираат дека за пациентите, ова директно подразбира значајно зголемување на нивната безбедност од инфекции и поефективно фокусирање на личното внимание од страна на хируршкиот персонал.

Мајчин дом

-Од аспект на здравствената заштита, со ова јавно-приватно партнерство се имплементираат високи стандарди во здравствената услуга. Искуствената практика на досега имплементираните проекти во рамки на Европската Унија и пошироко во светот, покажала радикално намалување на интерхоспиталните инфекции што означува директно намалување на трошокот на здравствениот систем за лекови со кои се третираат овие пациенти, нагласија од „Скопстер“.

Како што појаснија за МИА од Министерството за здравство, со одлука на Владата, дел од објектот „Мајчин дом“ е доделен за функционирање на јавно-приватно партнерство за интегрирано менаџирање со иновативни решенија за хируршки зафати и здравствена заштита од болнички инфекции.

– Тековните реновирања и активности на терен се вршат и се во надлежност на приватниот партнер, велат од МЗ.

Во ортопедската клиника „Мајчин дом“ функционираат специјалистички амбуланти за прегледи на деца и доенчиња, Центар за остеопороза со дензитометрија и Центарот за болка со дел за физикална терапија на деца.

 

За тие медицинските услуги пациентите имаат можност да закажат термини за прегледи. – Тоа значи дека континуирано се обезбедуваат потребните здравствени услуги, што е евидентно во системот „Мој термин“, посочуваат од Министерството за здравство.

Делот од „Мајчин дом“ што се пренаменува не се користи многу години, а порано служел како стационар за пациенти.

Компанијата „СкопСтер“ е заедничко вложување на компаниите „Сервици Италија“, „Евита“ и „Делта Фарма“.