Саудискиот нафтен гигант оствари рекорден профит, 48 милијарди долари за еден квартал


 

Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ го собори сопствениот рекорден профит бидејќи во вториот квартал од оваа година оствари профит од 48 милијарди долари.

Ова е зголемување од 90 отсто во однос на истиот период минатата година и претставува највисока нето добивка на најголемиот светски извозник на нафта од 2019 година.

Во исто време, нето добивката на компанијата во првата половина од годината порасна на 87,9 милијарди долари.

Руската инвазија во Украина предизвика голем скок на цените на нафтата и гасот, потсетува Би-Би-Си.

Русија е еден од најголемите извозници, но западните земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руските енергетски извори.

Покрај рекордната добивка, „Арамко“ најави и дека ќе ја задржи дивидендата непроменета на 18,8 милијарди за третиот квартал.

Од компанијата најавуваат и дека ќе продолжи да го зголемува производството за да се задоволат барањата.

„Иако нестабилноста на глобалниот пазар и економската несигурност остануваат, настаните во првата половина од годината го поддржуваат нашиот став дека тековните инвестиции во нашата индустрија се од суштинско значење за да се обезбеди пазарите да останат добро снабдени и да се олесни уредната енергетска транзиција“, рече претседателот на „Арамко“ и Извршниот директор Амин Насер.