5 заклучоци од посетата на Кирил Петков со свитата на Македонија

Посетата, за жал, не изгради мостови меѓу двата народи и двете држави, како што сакаше Петков. Таа изгледа дека го прошири јазот кој почна да се намалува


Бугарската делегација низ битолските улици (Фото: А. Блажевска)

 

Кога ќе се соберат работите на едно пошироко место резултатите од своевидниот политичко-културен бугарски „десант“ на Битола (а потоа и на Охрид) тој беше промашување, кој само ја зголеми разликата, па дури и недовербата, меѓу двете држави, а и меѓу двата народи, без оглед колку врвните политичари од двете страни на границата се обидуваат да го амортизираат тој впечаток.

1.Петков го прошири полето дома, а го стесни на Ковачевски

Бугарскиот премиер Кирил Петков се обидуваше во Битола да се дистанцира од радикалните кругови не само во бугарското општество туку и во неговата влада, но тоа малку му успеа. Неговата изјава дека „Бугарите во Северна Македонија се мостот меѓу двете страни и заеднички интерес е Северна Македонија да биде дел од Европа“ беше повеќе насочена да ги намали тензиите дома отколку да предаде вистинска порака овде. Потоа, тврдењето дека „колку повеќе има врски од двете страни и народот го чувствува тоа заедништво толку подобро за сите, за да се релаксираат врските“ е прилично еднонасочно – само за врските на Софија со Бугарите овде, но не и за врските на Скопје со Македонците таму.

Петков можеби за одреден момент ја релаксираше напнатата атмосфера во владината коалиција и го прошири своето поле кон оние структури во Бугарија кои не му веруваат околу блокадата на Македонија, но го стесни маневарскиот простор на македонскиот премиер Димитар Ковачевски. Не се работи само за тоа дали на бугарската држава конечно ќе ги испочитува одлуките на Судот во Стразбур и ќе им дозволи на Македонците таму слободно да се здружуваат, туку дали ќе може официјално Скопје да ѝ верува на официјална Софија. Двајцата премиери имаат добар меѓусебен однос, но тоа не е доволно за да се најде решение. Во овој момент, за тоа поголем проблем е нестабилната владина коалиција во Софија отколку посветеноста на македонските власти за постигнување на решение. Петков сега може да размислува како успеа да ја наруши воспоставената доверба со Ковачевски и сериозно да го намали позитивниот впечаток што го имаше за него македонската јавност.

2.Посетата, сепак, донесе нешто добро за Ковачевски

Иако оваа чудна визита на Битола го стесни полето за македонскиот премиер во неговата потрага по решение, таа, во основа, сепак му овозможи да го олабави притисокот да се дојде до решение на проблемот до крајот на француското претседателство со ЕУ. После изјавите на многумина од бугарската делегација, кои беа провокативни, а во некои сегменти дури и навредувачки за македонската држава, Ковачевски може слободно да каже – во Бугарија не се променило ништо во последните 6-7 месеци од онаа политика што го преплави тамошното општество од есента 2019 година. И ако до јули нема ништо околу почетокот на преговорите вината едноставно да ја префрли на Бугарија и за тоа да добие поддршка од македонската јавност. За Ковачевски ова беше првото сериозно соочување со бугарската политика која овие три месеци повеќе изгледаше како позитивна приказна. Неприсуството на македонски официјални лица на „клубската забава“ во Битола (и од државно и од локално ниво) го покажа нивото на неразбирањето – тука не стануваше за мост за зближување, како што вели Петков, туку повеќе за оддалечување. И тука не може да се бара македонска вина.

Во тој контекст изјавата на министерот Бујар Османи дека Македонија се држи до португалскиот документ за надминување на проблемот (тој е прифатен како предлог на ЕУ) е добар показател дека Скопје има консекветен однос кон проблемот, а не да шета со изјави од една во друга крајност.

3.Што, вусшност, сака Бугарија

Ден пред да дојде во Битола во рамките на делегацијата, бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска, изјави дека времето од јануари наваму било загубено за односите со Македонија. Таа мисли дека во овој период можело да се отвори македонскиот устав и во него да се вметнат Бугарите како официјално малцинство. И дека надворешно-политичкиот тим на премиерот Петков (кој го води познатата Весела Чернева) водел своја политика за кревање на блокадата во јуни. Во Битола Генчовска ја намали реториката велејќи дека сите сили треба да бидат насочени кон решавање на правата на Бугарите во Северна Македонија, што впрочем е нашата основна цел“.

Во седумте точки усвоени на Консултативниот совет кај претседателот Румен Радев во јануари, пред Петков да дојде во Скопје, не се се споменува менување на македонскиот устав за вменување на Бугарите во него, туку само „односот кон правата на македонските Бугари“. Менувањето на македонскиот устав не беше споменато ниту во онаа фамозна декларација на бугарското собрание. Во тие седум точки од средбата кај Радев воопшто не се споменува историјата, туку акцентот е ставен на економските односи и офрмирањето на работните групи за соработка.

Ако се гледаат изјавите на Софија од пред две години и овие сега не може целосно да се заклучи кој е нејзиниот официјален став – прифаќање на бугарскиот поглед на историјата, наводното вештачко создавање на Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик, тирадите против Тито, фантастичните бројки за наводни десетици и десетици илјади убиени Бугари во Македонија или сѐ се сведува на впишувањето на Бугарите во уставот. Кој потоа отвора други прашања.

4.Омаловажување на македонската држава

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, беше во Битола и Охрид да го каже она што Кирил Петков го премолчуваше, а можеби и не мисли како неа. Нејзината изјава дека за време на пописот „на одредени места кога граѓаните се изјаснувале како Бугари, властите им барале документи дека се Бугари, што не треба да се бара. Кон останатите етнички заедници во РСМ не се барани такви документи“ е директно подметнување без никакви докази и омаловажување на македонската држава. Тоа ги надминува границите на пристојно политичко однесување.

За неа нема ништо спорно што бугарската држава не ги почитува одлуките на Стразбур за правата на Македонците да се организираат во здруженија во Бугарија, затоа што бугарскиот устав не признавал малцинства. А американскиот Стејт департмент во извештајот за состојбата човековите права во светот во 2021 година, во делот за Бугарија не само што наведува дека таму постојат етнички Македонци, туку и дека се нарушуваат нивните права за слобода на здружување. Стејт департментот наведува дека бугарските власти и покрај 14 одлуки на Судот за човекови права го спречуваат организирањето на Македонците.

Потоа, доаѓањето во свитата на главните архитекти на бугарската блокада на Македонија, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов (кој како министер за одбрана се закануваше дека ќе испрати полк овде) беше знак дека Софија воопшто не мисли дека со таквата постапка може да ги вознемири и потцени не само овдешните власти, политичкиот спектар, туку и целата јавност, покажа дека во Бугарија мислеле само на себе, но не и на државата каде што доаѓаат.

5.Јазот повторно се шири

Улици иманувани по Ванчо Михајлов денес има во Софија, Бургас, Благоевград, Габрово, Банско… и тоа е работа на бугарските локални власти. Но Ванчо Михајлов за Македонија и македонците е исклучително контроверзна фигура, која повеќе се памти по зло отколку по добро. Тој е главниот актер во братоубиствената војна меѓу какедонците во 1920-1930-тие години. По бегството од Бугарија е поврзан со италијанските фашисти и германските нацисти. По задача на Хитлер на крајот од август 1944 година доаѓа во Скопје да формира независна македонска држава по угледот на усташката НДХ. По само неколку дена Михајлов сфаќа дека за него и за неговите поддржувачи нема место во македонија која сама се ослободува од фашистичката окупација и брзо си заминува од Скопје.

Самото именување на бугарскиот клуб во Битола според неговото име е провокација за огромниот дел од македонската јавност. А уште поголема провокација е дека огромна делегација од Софија дојде да го отвори клубот кој го носи неговото име.

Јазот се прошири, прашање е дали некогаш ќе може да се премости. Без оглед на тоа што од Софија илјадници пати повторуваат дека Бугарија е прва што ја признала Македонија, за жал на добрите односи меѓу двата народи и двете држави, Софија успева да го поткопа овој извонреден потег. И да ги поткопа односите меѓу двете држави кои одеа по нагорен пат сѐ до 2019 година. Затоа во Софија не треба да се чудат зошто во последното истражување на Преспа институтот на прашањето кого го сметаат за „најголем пријател на македонија“, само 1,2 отсто одговориле – Бугарија. Додека фантастични 38,6 отсто рекле Србија.