5 јуни во историјата – Застрелан е Роберт Кенеди


 

Нешто по полноќ на 5 јуни 1968 година, американскиот сенатор Роберт Кенеди беше застрелан во хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес, откако победи на претседателските прелиминарни избори во Калифорнија. Веднаш откако тој им објави на своите воодушевени поддржувачи дека земјата е подготвена да стави крај на нејзините трауматични поделби, Кенеди беше застрелан неколку пати од 24-годишниот Палестинец Сирхан Сирхан. Тој беше прогласен за мртов ден подоцна, на 6 јуни 1968 година.

Летото 1968 година беше бурно време во американската историја. И Виетнамската војна и антивоеното движење беа на врвот. Мартин Лутер Кинг беше убиен пролетта, предизвикувајќи немири низ целата земја. Соочен со овие немири, претседателот Линдон Џонсон одлучи да не бара втор мандат на претстојните претседателски избори. Роберт Кенеди, помладиот брат на убиениот Џон Кенеди и поранешен министер за правда влезе во трката и доживеа голема поддршка.

Многумина го сметаа Кенеди како единствената личност во американската политика способна да ги обедини луѓето. Тој беше сакан од малцинската заедница поради неговиот интегритет и посветеност на каузата за граѓански права. По победата на прелиминарните избори во Калифорнија, Кенеди беше во позиција да ја добие номинацијата на демократите и да се соочи со Ричард Никсон на општите избори.

Додека ѕвездените спортисти Рафер Џонсон и Рузвелт Гриер го придружуваа Кенеди од задниот излез од хотелот „Амбасадор“, Сирхан Сирхан зачекори напред со завиткан постер за кампања, криејќи го својот револвер 0,22. Беше на само еден чекор кога испука неколку куршуми во Кенеди. Гриер и Џонсон го соборија Сирхан на земја, но не пред да бидат повредени петмина луѓе кои случајно беа таму. Гриер потоа се обвинуваше себеси што дозволил Кенеди да биде застрелан.

Сирхан, роден во Палестина, го призна делото на неговото судење и доби смртна казна на 3 март 1969 година. Но бидејќи Врховниот суд на Калифорнија ги поништи смртни казни во 1972 година за Сирхан беше одлучено да го помине целиот свој живот во затвор. Според „Њујорк тајмс“, тој оттогаш изјавил дека верува дека Кенеди бил „инструментален“ во угнетувањето на Палестинците. Хуберт Хамфри на крајот ја доби номинацијата на демократите во 1968 година, но загуби од Никсон. Сирхан Сирхан уште е во затвор. Има 79 години и неколку пати се одбиени неговите молби за помилување.