Шаќири: Дел од училиштата штрајкуваат, но некои имаат часови


Дел од училиштата штрајкуваат, но некои функционираат, а има и директори кои не пуштаат никого во училиштата затоа што поддржуваат генерален штрајк, информира Министерот за образование Јетон Шаќири. 

Како што потврди и директорот на средното училиште „Владо Тасевски“ наставата во училиштето се одвива непречено, а за колегите штрајкувачи обезбедена е посебна просторија за штрајкување. 

Сепак, не знаеше да каже колку ученици дошле на настава, со оглед на непотполните информации деновиве. 

– Ние како Министерство сме во процес на комуникација со сите основни и средни училишта со директорите, за да знаат дали се одвива настава и колку од вкупниот број на вработени се вклучени во наставниот процес. Од училиштето каде што сме денеска „Владо Тасевски“ од вработени 117, само 18 се вклучени во генералниот штрајк. И наставен и технички кадар, значи во оваа бројка од 18 се и техничкиот кадар. Има одвивање на наставата, а тие што штрајкуваат се во посебна просторија.Мислам дека во ваква ситуација се училиштата во повеќе градови во нашата земја. Иако ќе треба да ги потврдам, информациите кои доаѓаат од некои градови кадешто имаат и ученици кои сакаат да влезат во училиштата и вработени, но исто така има и директори кои кажуваат дека се имаат одлучено за генерален шртрајк и ги немаат пуштено внатре во училиштата – изјави Шаќири при посетата на училиштето „Владо Тасевски“.

Ова се првични информации кои треба да се потврдат со Просветен инспекторат, Трудов инспекторат, дали до крај се почитува правото на штрајк. Соопшти дека МОН е во комуникација со директори на сите основни и средни за тоа дали и како се одвива наставата и колку се вклучени во штрајкот. Рече дека по 14 часот  односно по почетокот на втората смена во училиштата, ќе имаат информации за вклученост во штрајкот.

– Јас го почитувам синдикалното право на штрајк, но социјалниот дијалог продолжува и мислам дека за брзо време ќе најдеме решение за оваа ситуација. Не само јас, туку како Влада од првиот ден сме во овој процес за постигнување договор. Сите синдикати беа вклучени во преговорите за минималната плата. И СОНК беше вклучен во преговорите – рече Шаќири.

Минстерот  посочи дека сите синдикати биле согласни да се почитува тој договор, што значи во законот стои дека има рок од шест месеци за усогласување на другите плати. СОНК на 3 март достави барање да се усогласат платите. Последен чекор требаше да биде генерален штрајк, смета Шаќири.

Министерот најави средба со претставниците на СОНК, најверојатно за утре.

За тоа што родителите се збунети и не знаат дали да ги носат децата во училиште или не, па некој ќе држи час со помалку деца, а некој наставник нема да дојде на час, министерот вели за да не се сфати како притисок врз штрајкувачите не сакале тие да налагаат како да се одвива наставата, туку за тоа одлучувале директорите.