Ескобар: Работиме што побрзо да ги почнете преговорите со ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Габриел Ескобар изјави дека САД и Македонија не се само партнери туку и сојузници

 

Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, порача денес дека САД работат Македонија да ги почне што побрзо преговорите со Европската унија, но не изнесе повеќе детали. Колкавата е посветеноста на Вашингон да ѝ помогне на нашата држава во евроинтеграцијата тој го објасни со пораката дека односите на САД со Македонија не се само партнерство, туку и пријателство и сојузништво.   

„САД и Северна Македонија не споделуваат само заеднички интерес туку и заеднички вредности.Би сакал да ја искажам нашата благодарност на Северна Македонија за континуираната поддршка и придонес во НАТО и сакам да ја пренесам силната поддршката од администрацијата на САД за брза евроинтеграција  на државата. Ние работиме со нашите европски партнери за да се осигураме дека тоа ќе се случи мошне брзо. Сите сме согласни дека Северна Македонија е културно и историски дел од Европа и треба да биде на заедничката маса. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да покажете флексибилност во процесот на интеграција и во спроведувањето на натамошните реформи тоа да стане реалност. Дополнително, истражуваме можности за зајакнување на водечкото место на Северна Македонија во меѓународните односи за да најдеме решение за прашањата кои се предизвик за алијансата и за регионот на Балканот и Европа во целост. Се надеваме и дека ќе најдеме начини да ги продлабочиме нашите веќе одлични односи“, порача Ескобар.

Министерот Османи изјави дека со САД одржуваме динамичен дијалог и дека имаме многу блиска соработка.

„Северна Македонија останува посветен и кредибилен сојуз на САД во Западен Балкан. Ние сме благодарни за јасната и гласна поддршка од САД и убедени сме дека таа порака е јасно примена и разбрана. Нема сомнение дека ЕУ перспекривата на Западен Балкан е најсигурна инвестиција за регионот. Сега е време Северна Македонија да почне преговори со ЕУ. Тоа ќе ја потврди кредибилноста на ЕУ, ќе се забрза евроатлантската интеграција и ќе се потврди геостратешката ориентација на нашиот регион“, рече Османи. 

Тој оцени дека Извршната наредба на Бајден е златна гаранција за клучните договори во регионот, од Дејтонскиот во БиХ до Преспанскиот и Охридскиот во Македонија.  „Балканот треба да остане само лоша слика на минатотото“, порача Османи. 

Тој потсети дека САД биле со нас и во добро и во лошо и дека не поддржале во сите клучни моменти за државата.

„САД биле со нас и нѐ поддржувале и во добро и во лошо. Во моменти на големи искушенија и кризи ни помогнале да останеме на вистинскиот пат посветени на нашите заеднички евроатлантски вредности. Тоа не беше секогаш лесно, ама секогаш беше неопходно да се продолжи напред и покрај различните предизвици и проблеми. Охридскиот рамковен договор и договорите со Бугарија и Грција се наш успех и заедничка вредност за сите. Ги постигнавме затоа што секогаш ја имавме поддршката од нашите партнери на прво место САД. Заедно успеавме да ја трансформираме нашата држава, да ја зајакнеме демократијата, да ги подобриме односите со соседите и да ја зголемиме регионалната соработка. Продолжуваме заедно и во иднина со посветена работа да ги реализираме нашите заеднички и стратешки цели и интереси, истакна Османи.

Според негова оценка, Вашингтон е активно и посветено ангажиран да се изнајде решение бидејќи е од нивни стратегиски интерес Македонија да ги почне преговорите со ЕУ и целиот регион да биде дел од ЕУ, но не сакаше да изнесе детали од разговорите и пораките за да се види на што се сведува американската интервенција околу спорот со Бугарија. 

Тој и Ескобар заеднички го поздравија влегувањето на компанијата „Бехтел“ во Македонија, со надеж дека интересот на американските компании за влез во Македонија ќе се зголемува. (С.Ј.)