Што доби Милошоски за да дозволи заминување на амбасадорите?


По една година натегање, денес конечно ќе се одржи седница на Комисијата за надворешни работи на која своите програми ќе ги престават идните амбасадори на Македонија во странство.

Со тоа ќе падне една од многуте блокади за сѐ и сешто на ВМРО-ДПМНЕ, а оваа е една од најдолготрајните во Собранието. Поради одбивањето на Милошоски да дозволи амбасадорите да се претстават во Собранието со години стоеја празни повеќе од половина од амбасадите на Македонија во светот –  и за време на мандатот на Никола Димитров и откако на оваа функција е Бујар Османи, и тоа во клучни моменти, кога влеговме во НАТО и кога Бугарија ни стави вето. 

Блокадата попушти минатата година во ноември кога замина првата група од седум амбасадори, меѓу кои и Дане Талески во НАТО, но оттогаш Милошоски ги условуваше заминувањата со обраќање на шефот на дипломатијата на Комисијата за надворешни работи, за да презентира што се договорило наводно за спорот со Бугарија зад затворена врата. Османи се обрати пред Комисијата, но блокадата остана.

Денес Милошоски, на прашањето на „Независен“, што се случи за да попушти и дозволи одржување на седницата, избегна одговор, презентирајќи техникалии: дека седницата била договорена од претходно, но била одложена, а сега по консултациите со членовите на Комисијата видел дека има можност да се одржи. Неофицијално, министерот Бујар Османи го одоброволил Милошоски со тоа што сакал, односно пратил во вторите ешалони во странство повеќе дипломати кои се дојдени во МНР како кадри на ВМРО-ДПМНЕ, т.е. на Милошоски. 

Како и да е, денес во Собранието конечно ќе се престават новите амбасадорите на Македонија. Во Индија ќе замине Слободан Узунов, во Русија (каде што Москва немаше кого да протера бидејќи беше празна амбасадата) заминува Ненад Колев, во  Австрија заминува Освит Росоклија, а во Италија амбасадор ќе биде Весел Мемеди.

Во овој случај политичко е единствено именувањето на Весел Мемеди за амбасадор во Рим, кој беше пратеник во минатиот состав на парламентот од Националната демократска преродба (НДП). Колев, Узунов и Росоклија, пак, се именувани како професионални амбасадори од редовите на МНР.

И по нивното заминување ќе останат празни повеќе важни амбасади на Македонија во светот, како Вашингтон, Њујорк (Обединети нации), Брисел (билатерална), Белград, па и Софија… Последен амбасадор во Софија беше Марјан Ѓорчев, поранешен пратеник и министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. (С.Ј.)