Околу 220 ученици ќе можат да спортуваат во новата сала во Јегуновце


Во Општина јегуновсце, денеска беше промовирана новата спортска сала во рамки на ОУ „Александар Здравковски“ каде околу 220 ученици ќе имаат можност да играат одбојка, ракомет, кошарка, мал фудбал и друго.

– Добрата образовна инфраструктура го зголемува задоволството кај учениците од посетата и престојот во училиштето и го стимулира совладувањето на знаењата, а воедно значи и унапредени услови за работа и зголемена сатисфакција при работењето на наставниците и стручните соработници, што секако дава подобри резултати. Затоа, инфраструктурните инвестиции во образованието се приоритет за оваа влада, а за тоа говори фактот што годинава се обезбедени 1 милијарда денари за оваа намена, што е за 2,5 пати повеќе од ланскиот буџет – рече Мила Царовска министер за образование и наука за време на денешната заедничка посета со премиерот Зоран Заев.

Салата е изградена со целосна инвестиција од Министерството за образование.

„Ова е целосна инвестиција на МОН вредна 23 милиони денари и се реализира на најголемо задоволство на над 220 ученици кои посетуваат настава во ова училиште, но и на задоволство на наставниците, на локалното население, спортистите и спортските клубови кои секако ќе можат да ја користат под одредени услови во договор со раководството на училиштето. Станува збор за објект со површина од 650 квадратни метри, кој е опремен за повеќе спортови како одбојка, ракомет, кошарка, мал фудбал, гимнастика и пинг понг“, рече Царовска.

Премиерот Зоран Заев изрази задоволство што на две недели пред почетокот на учебната година се пушта во употреба новата спортска сала, со што во ОУ „Александар Здравковски“ создадени се сите неопходни услови за образовна и спортска средина, како дел од системот во кој едукацијата и организираните физички активности ќе го јакнат квалитетот на живот на младите генерации. 

„За нас како Влада вложувањето во спортот, особено во спортски објекти во рамки на училиштата е важен фактор за развојот на прогресивно и инклузивно општество какво што е нашето“, потенцираше Заев. 

Спортската сала е дел од проектот на МОН за изградба и опремување на училишни спортски сали и рехабилитација на училишни објекти, преку кој досега се изградени 90 спортски сали, а седум се во фаза на градба.