Улицата „Индира Ганди“ во Шуто Оризари добива и атмосферска канализација


Во тек се градежните работи од третата фаза од реконструкција на улицата „Индира Ганди“ во должина од 811 метри.

– Ова е и најлошиот инфраструктурен дел во општината, така што очекувам дека кога ќе ја завршиме, од улица „Гвадалахара“ до улица „Нов живот“, комплетно новата атмосферска канализација во општината, што досега ја немаше, и она што беше својствено за овој дел да тече вода по улиците и да се раскопани патиштата ќе стане минато. Реконструкцијата е во вредност од околу 18 милиони денари со ДДВ – рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Тој додаде дека за него е приоритет развојот на општината Шуто Оризари да оди подеднакво со развојот на преостанатите скопски општини.

– Во рамки на програмата за одржување на сообраќајници на ЈП „Улици и патишта“ со Меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Шуто Оризари, реконструирани се улиците: „Рељо Шесто Крило“, „Кипарска“, „Брегалничка“, „Демирхисарска“, „Волт Дизни“, „Вашингтонска“, „Нов Живот“, „П. Лулумба“, „Карабуница“, „Злетовска“, улица „3“, крак 1 и 2 – рече Шилегов.

Извршени се и повеќе интервенции за да се подобри водоводната и канализационата мрежа во општината, односно изградба на водоводна мрежа, нов резервоар, пумпна станица, нов потисен цевковод во Шуто Оризари, како и поголемите зафати на водоводната мрежа на улиците „Смилевска“ и „Брсјачка буна“, инвестиција од 13,5 милиони денари.

Градот Скопје соработува и ги поддржува и здруженијата на граѓани и институции кои дејствуваат на територија на општина Шуто Оризари, а едно од тие е и Здружението за заштита на правата на детето, чии фокус се реалзиција на активности и проекти за заштита на децата на улица. Активностите на ова здружение во континуитет се поддржуваат, а истите растат секоја година (во 2015 година биле дадени 100.000 денари, за во 2020 година да се доделени 450.000 денари).

Исто така, со инвестиција од 6,5 милиони денари направено е партерно уредување, зазеленување и поставување на урбана опрема во дворот на училиштето „Шаип Јусуф“ и асфалтирање на спортското игралиште.