Обновен кејот „Кај жабарот“


Шеталиштето пред Градски парк, од потегот кај скопската гостилница „Кај Жабарот“ па се до почетокот на влезот во градскиот парк, кај Министерството за земјоделие, веднаш спроти паркот на Франкофонијата е целосно реконструирање.

– Станува збор за еден од најфреквентните делови од кејот на Вардар, каде што имаме еден од наубавите дрвореди во Скопје, но, за жал, имавме и еден од најруинираните плочници. Истото го реконструиравме на потег во должина од 140 метри и со ширина од 10 метри, а шеталиштето помеѓу тројниот дрворед на скопските липи доби целосно нова и реконструирана патека од лиен бетон, која е нова технологија што започнавме да ја применуваме – кажа Шилегов.

Покрај реконструкција на шеталиштето, на овој потег е поставена и нова урбана опрема, клупи и канти за џебен отпад со што овој дел од кејот доби целосно нов изглед.

Ова не е прва активност на Град Скопје кога станува збор за реконструкција на јавните простори во градот, поточно кејот на Вардар и Градскиот парк. Покрај целосно исчистеното корито на Вардар од хотелот „Александар Палас“ до Аеродром, Град Скопје е во завршна фаза и со реконструкцијата на шеталиштето на кејот „13 Ноември“, а во тек е и реконструкцијата на пешачките патеки во вториот дел од Градски парк, каде што веќе се обновени и сите пешачки мостови.

– Како што многупати досега имам кажано, идејата е чистењето и уредувањето на кејот да не се прави кампањски преку периодично спроведување на големи акции за чистење, туку напротив одржувањето на кејот во добра кондиција да премине во редовна секојдневна активност на јавните градски претпријатија – додаде Шилегов.

На пуштањето во употреба на реконструираното шеталиште присуствуваа и претседателката на Советот на град Скопје, Љубица Јанчева, и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.