Пролетно издание на фестивалот „Скопје синема сити“


„Скопје синема сити“ ќе го реалзиира своето пролетно издание на 20 и 21 април во Кинотека на Македонија. Ова издание на фестивалот за музички документарци е дел од четирите филмски настани што се планирани да се случат годинава. На програмата ќе се најдат четири документарни филмови од домашна и странска продукција.

Цената на влезниците е 100 денари, освен за филмот на „Суперхикс“ влезот е слободен.

Целосната програма на „Скопје синема сити“:

20.04.2018 (Петок)

20:00 – Џеф Бакли: Сите тука те посакуваат

Џеф Бакли бил нешто посебно. За време на ’90-те изгледало како да се појавил од никаде, но сепак веќе бил оформен и созреан пејач што ги маѓепсувал луѓето со својот ангелски глас и необичното, чувствително свирење на гитарата. Тој бил напуштениот син на трагично починатиот фолк-херој од ’60-те, Тим Бакли. Иако млад како музичар, веќе имал свој карактеристичен пристап кон изведувањето песни. Пример за тоа е неговата изведба на песната на Леонард Коен „Hallelujah“: со својот еротски и спиритуален набој, ќе направи оваа песна да се оттргне од заборавот и да стане класична вредност, каква што ја познаваме денес. За време на својот краток живот, пред да почине на 30-годишна возраст, тој направил само едно ремек-дело, албумот „Grace“, за жал, единственото сведоштво за неговиот талент. Филмот „Сите тука те посакуваат“ е снимен за да се одбележи годишнината од неговата рана смрт, кога се удавил во реката Мисисипи. Преку извадоци од интервјуа, ретки снимки и интервјуа со соговорници како Џими Пејџ, Пети Смит, Криси Хајнд, бројни фанови и соработници, се реконструираат животот и достигнувањата на овој музичар.

21:30 – 1959 -Годината што го промени џезот

Реж. Пол Бернајс
1959 е годината кога почнале да се случуваат сеизмички промени во џез-музиката, кога неколку музичари скршнале од тогашната форма на би-бапот кон неистражените предели што им овозможиле на некои музичари голема слобода да истражуваат и да се изразуваат. Таа година биле објавени 4 изданија кои не само што биле значајни изданија во кариерата на тие уметници, туку оставиле и голем белег врз џезот и современата музика воопшто, така што тие нивни иновации отвориле нови простори во кои милиони музичари можеле да се изразат. Ова е приказна за изданијата на Мајлс Дејвис – Kind of Blue, Дејв Брубек – Time Out, Орнет Колман – The Shape of Jazz to Come и Чарли Мингас Ah – Um, и сите тие го разграниле џезот кон онаа богата форма што ја познаваме денес. Филмот содржи интервјуа со музичари како Лу Рид, Орнет Колман, Чарли Хејден, Херби Хенкок, Дејв Брубек, реномираните новинари Нет Хентоф, Гари Гидинс и Стенли Крауч, кои ги доловуваат волшебните креативни моменти.

21.04.2018 (Сабота)

20:00 – Телма Докубенд: Суперхикс
(реж. Јордан Дуков)- 40 min* (слободен влез)

Автор: Јордан Дуков
Суперхикс се еден од најпопуларните македонски бендови во чија музика се преплетуваат реге, рок, панк, џез, латино влијанија и призвуци. Тие се оформени далечната 1993 г и зад себе имаат неколку одлични изданија и бројни концерти. Во филмот, бендлидерот Петар Младеновски ја раскажува приказната за бендот од неговите скромни почетоци па се до големиот бенд што го познаваме денес со сите свои успеси.

21:30 -.Девојката од Ипанема: Бразил, боса нова и плажата

Реж. Енди Дан
„Девојката од Ипанема“ е песна напишана во 1962 г. од страна на Антонио Карлос Жобим, со стихови од Винисиус де Мораиш, а подоцна преведена на англиски од Норман Гимбел, и таа доловува еден момент кога Бразил го шармирал светот со една опуштена песна за жена која ги маѓепсала и опседнала авторите.
Филмот „Девојката од Ипанема“ е прекрасно музичко патување низ Бразил, неговите плажи, прекрасни планини и клубовите во Рио, во придружба на Кејти Дерхам, која се сретнува со клучните музичари и архитекти на боса новата. Преку средби и сведоштва и интимни настапи, таа ја раскажува приказната зад најпознатата и најуспешна песна која излегла од Бразил.
Самата песна ја претставува суштината на боса новата и трагањето по нејзините корени, разоткривајќи ја приказната за овој фасцинантен музички стил. Создаден од една група млади боеми во Рио во доцните ’50, боса новата прераснала во феномен во ’60, особено во САД, каде што многу песни се нашле во стандардниот џез-репертоар. Кога песната била отпеана од Аструд Жилберто во придружба на Стан Гец, таа се искачила во првите 5 на топ-листата и станала голем хит.  Ништо не ја доловува сликата за Рио подобро од едноставните и заводливи стихови. За само три минути во една прекрасна песна која е всушност спој од самба со американски џез е доловено сѐ што е карактеристично за боса новата: девојки кои се сончаат на плажата Копакабана, момент во историјата на Бразил кога доминирале во светот во областа на фудбалот и на музиката, а во таа приказна своја улога имаат и Жоао Жилберто, Стан Гец, Френк Синатра и Ела Фицџералд.