Прва еко-занимална во Карпош


Клацкалки од еко – материјали, клупи за седење, импровизиран бунар, масичка за X/0 и „не лути се човече“, како и новозасадено зеленило се содржини кои се дел од првата еко – занимална во Карпош, во рамки на детската градинка „Орце Николов“ во Карпош 3. Станува збор за уредена зона на отворено, која можат да ја користат децата и воспитниот кадар. Во рамки на еко – занималната креирана е и градина, во која се одгледуваат најразлични билки.

Градинката „Орце Николов“ е најстарата предучилишна установа во нашата држава, но и меѓу државните градинки кои нудат најдобар квалитет на услуги.

Оваа занимална е создадена од воспитниот и административниот кадар на градинката, со поддршка и од децата, родителите, директорката Надица Гировска, како и од општина Карпош.

Во посета на градинката беше градоначалникот Стефан Богоев, кој не го криеше своето задоволство од создавањето на овој креативен простор за потребите на најмладите:

– Среќен сум што успешниот пример од училиштата, со еко – училниците се пресликува и во градинките. Децата во Карпош уште од рани години учат за околината, како да ја заштитат и како да ги преработат материјалите и да создадат нешто функционално.

 Токму во текот на летото, оваа градинка ќе добие и дополнителен објект. Имено, предвидени се четири нови занимални, со што значително ќе се зголемат капацитетите за згрижување на деца – рече Богоев.

Градоначалникот истакна дека градинките повеќе не се установи во кои децата само престојуваат. Тука, тие стекнуваат навики, учат за првите поими и појави, јадат здрава храна, а поттикнати се и на креативност, двонасочна комуникација и  одговорност. 

Градинката „Орце Николов“ овој период аплицираше и на ЕРАЗМУС+ проекти, со што само се потврдува нивната заложба за подобра работа со деца и овозможување на подобри услови за нивна едукација.