(3Д Видео) Што им прави корона вирусот на белите дробови


Универзитетската болница во Вашингтон неодамна објави 3Д видео од белите дробови на пациент со корона вирус. Во видеото се прикажани белите дробови на маж кој неколку дена претходно бил асимптоматски. Сега, пациентот има Ковид-19 и неговите бели дробови не успеваат да функционираат правилно, изјави д-р Кит Мортман, началник за торакална хирургија во универзитетската болница Џорџ Вашингтон, јави „Си-Ен-Ен“.

Снимките покажуваат големо оштетување на белите дробови на генерално здрав 59-годишен маж со висок крвен притисок, вели Мортман. Бидејќи станува збор за сериозно болен, на пациентот му е неопходен респиратор за да му помогне да дише, но дури и пуштен на најсилно, тоа не е доволно. Му треба и друга машина за да ја збогати крвта со кислород.

„Ова не е 70-80-годишен имуносупресивен пациент со дијабетес“, вели Мортман. Освен високиот крвен притисок, тој нема други значајни медицински проблеми. Ова е еден човек кој размислува за сопствениот бизнис… Ако ги повториме сегашните слики со помош на виртуелна реалност (360VR) една недела подоцна, постои шанса дека инфекцијата и воспалителниот процес да бидат полоши.

„Областите обележани со жолта боја на видеото претставуваат заразени и воспалени делови на белите дробови, вели Мортман. Кога белите дробови се соочуваат со вирусна инфекција, органот ќе почне да го блокира вирусот. Од скенирањето, јасно е дека штетата не е локализирана на една област, туку опфаќа огромни делови на двете белодробни крила, покажувајќи колку инфекцијата може да биде брза и агресивна, дури и кај помлади пациенти. Пациент со здрави бели дробови нема да има жолти делови на снимките, вели тој.

Кај овие пациенти кои имаат прогресивна респираторна слабост, оштетувањето на белите дробови е брзо и широко распространето (што е потврдено и во виртуелното видео)“, вели Мортман.

„За жал, откако ќе се оштетат до овој степен, на белите дробови ќе им биде потребно долго време да заздрават. Кај приближно 2-4 проценти од пациентите со Ковид-19, штетата е неповратна и тие ќе и подлегнат на болеста“.

Корона вирусот е главно респираторен по природа. „Влегува во мукозните мембрани, а потоа и во белите дробови. Телото се обидува да го контролира како воспаление“, вели Мортман.

Жолтата боја означува и инфекција и воспаление. „Значи, вие го добивате овој прилично силен воспалителен процес во белите дробови во обидот телото да ја контролира инфекцијата“, вели Мортман.

Воспалението спречува белите дробови да можат да ја збогатат крвта со кислород и да го отстранат јаглерод диоксидот.

Снимките сугерираат дека опишувањето на вообичаените симптоми – кашлање и губење на здивот – не можат навистина да го прикажат влијанието на вирусот врз телото.

Кај некои луѓе, вели Мортман, штетата ќе биде неповратна – што е императив Американците да внимаваат и да ги прифатат советите за социјално дистанцирање и за самоизолација.

„Сакам луѓето да го видат видеото и да разберат што може да направи вирусот“, вели Мортман. „Луѓето треба да го сфатат ова сериозно“.