3Д Принт медицинска опрема донира 50 визири на Националната галерија


smart

Ентузијастите кои откако почна пандемијата со корона вирусот, печатат визири и бесплатно ги делат на медицинскиот персонал во земјава, донираа 50 визири и за културните работници.

„Светов се уште е под опсада во неизвесност до кога ќе трае пандемијата од вирусот Ковид – 19. Постојано се пренесуваат непријатни вести за заболени и жртви од оваа болест. Меѓутоа, изминативе три месеци постојано читаме за подвизи на една мала екипа, неколку лица ентузијасти кои покажаа што значи хуманост, поддршка на тие во потреба во најтешките моменти, заштита на личното и грижа за сеопштото јавно здравје“, велат од Националната галерија.

Додаваат дека најнапред, приоритет им беа здравствените работници, сите до еден, потоа припадниците на Министерството за внатрешни работи, пожарникарите и многу други кои беа на листата со приоритет заради природата на нивната работа и неможност за социјална дистанца.

„На 30 мај 2020 год. на наше огромно задоволство добивме ДОНАЦИЈА – визири за СИТЕ вработени во Националната галерија. Немаме зборови на благодарност до момците од 3Д Принт Медицинска опрема, Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари и д-р Ненад Лазаров. Директорката, д-р Дита Старова Ќерими го поздравува препознавањето од страна на тимот на 3Д принт за потребата од заштитна опрема за културните работници. Во име на сите вработени изразува бескрајна благодарност за донираните визири. Ние сме првата институција од областа на културата која доби ваква донација. Задоволни сме бидејќи степенот на безбедност е подигнат на многу повисоко ниво во однос на заштита на здравјето на посетителите, секако и на личното здравје“, се заблагодарија од Националната галерија.