35 од новозаразените се од Скопје, 27 се од Штип


Осумдесет и девет нови случаи на заразени со коронавирусот се регистрирани во изминатите 24 часа, од кои најголемиот број се од Скопје – 35 случаи.

Висока бројка на заразени денеска има и во Штип – 27, во Куманово има 12, во Прилеп еден, во Тетово седум, во Гостивар еден, во Струмица еден, во Кочани четири и во Свети Николе еден.

Министерот за здравство Венко Филипче на својот профил на Фејсбук, објави дека се направени 727 тестирања во изминатите 24 часа.

Фото: Б. Грданоски

Во ГОБ „8 септември“ починаа шест лица, двајца од Скопје на возраст од 83 и 80 години, двајца од Куманово на возраст од 73 и 66 години, еден пациент од Струга на 44 години и еден од Тетово на 65 години. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина еден пациент од Тетово, 54 години.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 17 оздравени пациенти. Оздравени пациенти се регистрирани во Скопје двајца, во Прилеп 12 и во Велес тројца.

Досега во земјата се направени вкупно 30.302 тестирања на Ковид -19. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 312 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи.Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Прилеп и Скопје, а регистрирани се три позитивни случаи во геронтолошка установа во Скопје.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2315, бројката на оздравени пациенти е 1569, на починати е 140, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 606.