„35 години – 35 предмети – 35 приказни“: Националниот археолошки музеј со посебна програма за Денот на независноста
По повод 35 години од независноста на Република Северна Македонија, Националниот археолошки музеј на 8 септември 2026 година организира посебен музејски настан „35 години – 35 предмети – 35 приказни“, како дел од официјалната програма за одбележување на Денот на независноста. Јубилејната програма на Владата оваа година ја вклучува културата како еден од носечките сегменти на одбележувањето на 35-годишнината.
Настанот ќе започне во 10 часот, а во текот на целиот ден влезот во Националниот археолошки музеј ќе биде бесплатен за сите посетители.
Концептот на настанот ги поврзува 35-те години современа македонска независност со илјадниците години историја зачувана во археолошкото наследство на земјата. За таа цел, кустосите на Музејот избраа 35 предмети од постојаната музејска поставка, од различни периоди и археолошки локалитети, преку кои ќе бидат раскажани 35 посебни приказни.
ПРОНАЈДИ ГО ЗНАМЕТО. ОТКРИЈ ЈА ПРИКАЗНАТА.
На 8 септември посетата на постојаната поставка ќе има и посебен визуелен концепт. Секој од 35-те избрани предмети ќе биде означен со македонското знаме, кое ќе ги води посетителите низ музејот и низ приказните избрани за јубилејот.
Посетителите ќе можат сами да ги пронаоѓаат означените предмети низ поставката: од најраните траги на човекот од палеолитот и неолитот, преку железното време, антиката, римскиот и доцноантичкиот период, средниот век, па сè до поновата историја.
Пронајди го предметот означен со македонското знаме и дознај ја неговата приказна.
Зад секое знаме ќе стои различна приказна: за луѓето што ги создавале и користеле предметите, за нивните верувања, знаења и вештини, за трговските патишта и далечните контакти, за војните, секојдневието, уметноста и идеите што се менувале низ милениумите.
По повод јубилејот ќе биде промовиран и специјално подготвениот каталог „35 години – 35 предмети – 35 приказни“. Во него избраните предмети се претставени преку текстови подготвени од кустосите и експертите на Националниот археолошки музеј. Каталогот не е замислен само како придружно издание на настанот, туку како траен запис за 35-те избрани предмети и нивните приказни.
Осми септември 1991 година го означува почетокот на современата независна македонска држава. Археологијата, пак, ни овозможува да погледнеме многу подлабоко во времето и да ги разбереме различните заедници, култури и историски процеси што оставиле траги на просторот на денешната држава.