Австрија бара затворање на Кршко


Силниот земјотрес што вчера ја погоди Хрватска беше повод за австриските политичари да побараат затворање на нуклеарната централа во Кршко, Словенија.

– Централата постои од 1981 година и проектирана е да работи најмногу 40 години. Поради тоа мора да биде затворена, најдоцна до 2023 година. На нејзиното продолжување со работа не смееме да гледаме со скрстени раце, изјви секретарката за екологија на австриската покраина Штаерска, Урсула Лајнер.

Таа наведе дека вчерашниот силен земјотрес уште еднаш покажал дека централата во Кршко треба да се затвори. И покрај бројните разговори и барања на Австрија, Словенија не сака да го исклучи објектот. 

– Бевме сведоци на страшни слики од Чернобил, но и од Фукушима. Затоа се надеваме дека ќе бидат одговорни во соседна Словенија и ќе се откажат од намерата за продолжување на работата на централата во Кршко, додаде Лајнер.

По вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала, нуклеарката во Кршко беше превентивно исклучена. Директорот на централата, Стане Рожман синоќа изјави дека не се утврдени никакви оштетувањеа на словенечката нуклеарна централа и нема никакво влијание врз околината.

Тој најави дека централата набрзо ќе почне нормално да работи, истакнувајќи оти е изградена да биде отпорна на многу посилни земјотреси. Нејзината безбедност е дополнително зајакната по несреќата во нуклеарката Фукушима во 2011 година, а во случај евентуален потрес да ја загрози работата на словенечката нуклеарка таа би можела рачно или автоматски да се исклучи во рок од неколку секунди.