Навивачи на Челзи се жалат на третманот во Барселона


Фудбалскиот клуб Челзи соопшти дека неколку нивни навивачи се повредени во инцидентите на стадионот „Камп ноу“, непосредно пред натпреварот против Барселона во Лигата на шампионите.

Од лондонскиот клуб наведуваат дека се „свесни за инцидентите“, а во меѓувреме на социјалните мрежи се појавија фотографии и видео снимки на кои може да се видат инцидентите меѓу редарите и навивачите пред натпреварот.

– Беше ужасно! Полицајците и редарите уште од самиот почеток беа агресивни. Беа повеќе отколку во Баку или кај Фенербахче. Агресивно не пребаруваа и трипати насилно ме зграбија за врат. Редарите цело време провоцираа, иако за тоа немаше причина, истакна еден навивач на Челзи.

Од друга страна, претставниците на каталонската полиција за Би-Би-Си соопштија дека официјално не се пријавени инциденти. Меѓутоа, Челзи ги повика своите навивачи да го известат клубот за своите искуства на стадионот „Камп ноу“, со цел да може да реагираат до надлежните институции.

Според некои очевидци, наводно навивачите биле удирани од страна на редарите, откако почнале да скандираат „Барселона – секогаш ќе бидеш дел од Шпанија!“.

Челзи на реванш натпреварот загуби од Барселона со 3:0 и со вкупен резултат од 4:1 беше елиминиран во осминафиналната фаза од Лигата на шампионите.