Со пари од Светска банка ќе се реконструираат улици во Карпош


Граѓаните од четирите улици во Карпош 1 и Карпош 2 „Иван Аговски“, „Гиго Михајловски“, „Мирка Гинова“ и „Шекспирова“ кои ќе бидат реконструирани со средства од Светска банка го прифатија овој проект и го оценија како позитивен и неопходен.

Ова е ефектот од денешната јавна расправа која се одржа преку ZOOM платформата на која карпошани од овие улици во отворена дискусија имаа можност да се запознаат со претстојниот инфраструктурен зафат и неговото значење за граѓаните кои што се засегнати, односно живеат или работат во урбаните заедници каде што ќе се имплементира проектот, соопштија од Општината.

Граѓаните кои го поддржаа проектот, во оваа пригода повторно го актуализираа проблемот што настанува во поглед на непрописно паркираните возила односно узурпација на јавната површина – тротоари што се наменети за пешаци, посебно од соседната општина.

Инаку, како што објаснија стручните служби од Општина Карпош, процесот тука не завршува и граѓаните најтранспарентно ќе продолжат да бидат вклучени во целиот процес при имплементација на проектот реконструкција на четири улици во Карпош, а кој е во рамки на Вториот проект за подобрување на општинските услуги (МСИП 2). Овој проект се спроведува преку Министерството за финансии финансиран со заем од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска Банка.
Вклучувањето на граѓаните во процесот на реконструкција значи нивна се поголема инклузија во општинските политики и активности и оттаму нивните забелешки и сугестии ќе бидат разгледани со цел да се изнајде позитивно решение околу постојните проблеми и нивно надминување.

Претходно од групата О2 обвинија дека не им било овозможено следење на седницата, односно, најпрвно не им бил пратен линк, за потоа да ги известат дека може да ја следат седницата, но од простории на општината.

„Општината не само што не знае што значи транспарентност, туку е во страв она што тие самите треба да го објават за цела јавност да ја следи работата на Советот, некој да не го снима и објави. Само да напоменеме дека според законот за локална самоуправа, на расправата за буџетот на општината, присуството на јавноста не може да се исклучи, а општина Карпош го направи токму тоа“, обвинија оттаму.