Заев е против полициски час

 

Премиерот Зоран Заев е против целосно затворање на државата поради зголемениот број случаи со Ковид-19, бидејќи, според него, тоа ќе се одрази на економијата.

Заев, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се воведат нови мерки за заштита од епидемијата на коронавирус, рече дека загрижувачки се новите бројки и тоа покажува дека сите треба да ги почитуваме мерките кои веќе се на сила, односно носење маска и држење растојание.

„Ако Комисијата за заразни болести предложи мерки кои навистина ќе го намалат бројот на заболени, ние како Влада ќе ги прифатиме. Но, нема да брзаме со полициски час и целосен локдаун, бидејќи тоа ќе се одрази на економијата” рече Заев, кој денеска заедно со скопскиот градоначалник Петре Шилегов и директорот на ЕСМ Васко Ковачевски беше во посета на претоварната станица во Скопје каде се одложуваат стари печки и други нееколошки грејни тела.

Вчера, во Македонија беа регистрирани рекордни 535 нови случаи со Ковид-19.