Донирани дезинфекциски средства во училиштата во Прилеп


Со цел да се поддржат воспитно-образовните институции и граѓаните во Прилеп, Коалиција СЕГА обезбеди средства за дезинфекција и лична хигиена во согласност со потребите и препораките од Светската здравствена организација и Владата на Македонија.

Оваа поддршка е во рамките на проектот „Поддршка на маргинализирани групи кон превенција од Ковид-19 во Прилеп“, финансиски поддржан од НВО Група 484 од Белград и Амбасадата на Норвешка во Белград. Проектот се спроведува со соработка со Општина Прилеп.

„Целиот материјал е дистрибуиран во сите основни и средни училишта во нашата општина, во детските градинки, Домот за стари лица, а наредната недела ќе бидат дистрибуирани во центрите за лица со попреченост и во населбата Тризла, за корисниците на гарантирана минимална помош. Сакам да ја поздравам иницијативата на Коалицијата СЕГА, да им честитам бидејќи се едни од ретките невладини организации во нашата општина, кои се погрижија да им излезат во пресрет на оние на кои ваквата помош им е најпотребна. Она што е најважно, е дека оваа донација стигнува не само во вистински раце, туку и во вистинско време, односно пред почетокот на учебната година“, изјави градоначалникот Илија Јованоски.

„Наша цел е помогнеме во зајакнување на капацитетите на локалните власти во Прилеп за адресирање на потребите на луѓето во ризик во време на пандемија. Се надеваме дека со оваа донација помогнавме на локалните институции полесно да се справат со новите предизвици, а пред се придонесувајќи кон безбедноста и здравјето на децата и младите“, изјаво Зоран Илиески, извршен директор на Коалиција СЕГА.

Преку проектот обезбедена е поддршка за сите 10 основни и пет средни училишта во Прилеп и околината на Прилеп, сите градинки, Центрите за деца со попреченост како и Домот за стари лица. Преку поддршката се обезбедени:

5.000 медицински маски
12.00 литри антибактерски течен сапун
22 литри раствор – средство за дезинфекција на површини и предмети
330 литри средство за дезинфекција на раце
12 бесконтактни диспанзери за дезинфекција на раце за училиштата
60 бесконтактни термометри мерење телесна температура наменети за училиштата.
Банери со визуелни инструкции за сите училишта кои ќе им помогнат за промоција и обезбедување лична заштита при спречување на ширење на корона вирусот.

Проектот исто така обезбедува поддршка за граѓаните од ромската популација кои се приматели на гарантирана минимална помош преку обезбедување на 10.000 медицински маски и 1.000 литри антибактериски течен сапун. Дополнително, проектот обезбедува информативен материјал за тековните мерки и препораки од СЗО за лична заштита преку поставување на информативни постери на македонски и ромски јазик.