Заев: Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на криминал

Премиерот Зоран Заев попладнево на Фејсбук напиша дека Христијан Мицкоски е бранител на криминалот и на неправдите. Правејќи споредба со Гоце Делчев, Заев напиша дека „Делчев е борец за социјална правда, а Мицкоски е бранител на криминал и неправда. Тие двајца никако не одат заедно. Тоа на Мицкоски му го порачаа и граѓаните на Делчево каде ВМРО-ДПМНЕ изгуби со повеќе од 1.000 гласови разлика на последните избори“.

Реакцијата на Заев изгледа како надвор од контекст, но таа сепак на некој начин е дел од расправата околу Гоце Делчев и барањата на Бугарија, како и посредното поистоветување во некои структури на ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски со Делчев и обраќањето кон него со „даскале“, свесна алузија на Делчев кој бил даскал (учител).

Инаку, Мицкоски на својот профил на фејсбук најави дека следниот протест на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде во вторник и ќе се протестира за Гоце Делчев.